Груевски: Не може СЈО да отвори толку истраги колку што Заев може да направи глупости

Специјалното јавно обвинителство објави две нови истраги во кои се спомнува името на екс-премиерот Никола Груевски.

По рочиштето за судскиот предмет наречен „Тенк“, тој одговараше на новинарско прашање за овие нови обвинувања.

-Слушнав сега пред малку за тоа откако заврши рочиштето. Од она што сум информиран има две нови истраги и да ви кажам не сум  изненаден. После моите реакции во средата не знаев дали за три дена, за седум или за десет ќе дојде ова што дојде. Еве го дојде за седум ако добро можам да пресметам. Така што ништо не ме изненади. Првото е поврзано со пописот и навистина не знам дали наредната истрага ке биде отворена за работа на пример дека некаде сум ручал и на сред ручање сум морал да станам и да заминам, па сум направил штета на буџетот што сме го платиле целото јадење,  а јас еве на средина сум станал, сум отишол да ручам. Шала на страна, сакам да кажам дека во спроведувањето на пописот имаше државна комисија која што си ја туркаше својата работа. Цврсто веувам дека тоа го правеше одговорно, професионално. Сите ние другите што сме и во политика, веројатно и  пошироко  граѓаните, следевме што се случува, бевме загрижени да не има некакви проблеми, но одлуките си ги носеа тие. Ние можеме само да следиме да си коментираме меѓу нас и така натаму, но одлуките си ги носеа органите кои што за тоа беа назначени и тие јавно обајвија и објаснија зошто дошло до прекин на пописот. Така што и ова го сметам како уште еден чекор на СЈО во правец на обид да ги задскријат, да го дефокусираат вниманието на јавноста од она што се случува во земјата, рече денес Груевски.

Според него, она што СЈО го прави, е обид да ги покрие штетните политики на Заев и владата на СДСМ.

-Знаете не можат СЈО да одржат толку прес-конференции и да отворат толку истраги колку што Заев може да направи глупости. Значи тој е многу побрз, подинамичен и почесто ги прави глупостите отколку што тие можат да отворат истраги и да одржат прес конференции со цел  да ги затскријат неговите глупости што секојдневно ги прави, неговите грешки и сите работи што се случуваат. Тие се трудат меѓутоа не можат да постигнат, тоа се случува секој ден. Слушам дека се вклучуваат и  други институции да му помогнат со дефокусирање на јавноста, тргнувајќи од летото кога го потпиша оној штетен договор со Бугарија, па овој закон неуставен поврзан со употреба на јазиците, па начинот со кој што влегоа во решавањето на името со рушење на сите позиции на Република Македонија, сите преговарачки позиции и сите други глупости што ги прават на дневна база. Колку и да се трудат овие партиско-политички институции како што е СЈО и веројатно другите институции кои што ги имаат ставено под контрола тие не можат да го покријат сето тоа што Заев ги прави како глупости на дневна база и заради кое што граѓаните секојдневно се повеќе и повеќе се разочарани од него, рече Груевски.

Тој детално ги образложи случаите поради кои СЈО покренало постапка.

-Првото беше поврзано со пописот, каде што како што разбрав, ќе се води истрага дали јас сум влијаел или не сум влијаел како да се работи за мали деца. Како некои малолетни го спроведувале пописот па дали јас нешто сум влијаел или не сум влијаел. Таму имаше сериозни луѓе, сериозна државна комисија која  што си ја гледаше својата работа, која што секојдневно примаше извештаи од она што се сеќавам доаѓаа од терен кај нас и кај нив извештаи кои укажуваана многу проблеми. Втората работа за која што дознав дека ќе отвореле истрага да истражуваат е уште поапсурдна од причина што станува збор за објава на меѓународен тендер кој што имаше исто така комисја составена од луѓе од различни министерства, кои што го спроведуваа тендерот мислам на број 5 и уште 7 набљудувачи од Европската Комисија од Европската инвестициона банка и од ЕБРД кој што учестуваа во финансирањето на тој проект. Тие 7 набљудувачи и таа комисија од она што го дознав ја донеле одлуката, ја испратиле до Брисел до Европската комисија и Европската комисија  не знам колку денови, недели го разгледувала сето тоа, проверувале дали е направен правилен избор, дали згрешиле нешто и на крај го вратила со одобрување дека може да се изврши тој избор што е извршен и  потпишан е договорот од претставници на министерството за финансии на Република Македонија и од амбасадорот на ЕУ во Македонија. Тие се потписниците на договорот со компанијата Актор. Потоа, по извесен период по некаква пријава  или гласини, Европската Комисија отворила истрага за да провери дали се било во ред. Истрагата траела неколку време и според информациите што ги имам минатата година ревизорското тело на Европската Комисија ги известило владините органи дека ја завршиле таа истрага и дека немаат забелешки никакви на постапката, рече Груевски.

Поранешниот премиер заклучи дека обидите на СЈО да го дефокусира вниманието на јавноста од крупните случувања за редефинирање на државата, се апсурдни и смешни.