Груевски: Не сме меѓународно изолирани

Не постои никаква индикација дека сме меѓународно изолирани. Впрочем времето ќе го покаже тоа, како што го покажа и во 2008 година кога се почна истата приказна од истите извори од истите актери, па со тек на време се покажа дека не е се така.

Ова го изјави премиерот Никола Груевски на денешната собраниска седницата за пратенички прашања, одговарајќи на прашањето за меѓународната изолација на земјата, поставено од страна на пратеничката Љубица Буралиева, која исто така зборуваше и за случајот со прислушување граѓани односно новинари.

Груевски и забележа на Буралиева дека многу лесно лепи етикети на новинари и на медиуми, потсетувајќи дека и таа до неодамна беше новинар, кој стана пратеник од редовите на СДСМ.

– Мислам дека вие немате многу морален простор и морално право тоа да го правите од причина што вие до пред некое време се претставувате како независен новинар, преку ноќ станавте кандидат на политичка партија за пратеник и пратеник, така што најмалку од морален аспект не е во ред да лепите етикети на вашите поранешни колеги, рече Груевски.

Пратеничката Буралиева рече дека не е задоволна од одговорот и оти по овој одговор веќе нема да му поставува прашања на премиерот бидејќи смета дека не треба.

– Никогаш ниту сум се декларирала ниту сум негирала дека сум социјалдемократ по убедување. А тоа не го правам ни во оваа ситуација. Порано не сум била пратеник. Како што гледате јас се изборив за сопствената слобода и во својата партија. Моето влегување беше токму затоа дека сакам слобода макар и во партија, рече Буралиева, која сега во Парламентот е како независен пратеник.

Пратеникот Сашо Василевски од Охрид, посочувајќи на долговите направени од претходната гарнитура на локалната самоуправа во неговиот град, го праша премиерот дали ќе се направат законски измени за да може да се ограничи задолжувањето на општините.

– Навистина она што го наследи новиот градоначалник на Општина Охрид е запрепастувачко. Такво големо задолжување на општина со такви приходи е навистина нешто што е тешко да се преброди и иако новиот градоначалник таму од информациите што ги имам презема прилично радикални мерки во правец на правење на заштеди за враќање на долговите коишто се наплатени од неговиот претходни, состојбите се се уште тешки. Но, моќта на таа општина во смисла на приходите коишто ги има, како што и самиот пратеник кажа, не е толкава за да може така брзо и така лесно да се надминува, рече Груевски

Во законот, додаде тој, постојат одредени ограничувања кога станува збор за задолжување на општините.

– И јас се согласувам дека потребни се дополнителни законски интервенции во овој дел за да не се повтори во некој друг случај на неодговорен градоначалник во иднина. Така што од тој аспект ние внимателно го анализираме овој случај и размислуваме како да се постапи во иднина да не се повтори на истото или на некое друго место повторно таков начин на работење на некој градоначалник, изјави Груевски