Груевски: Новите инвестиции и работни места ќе влијаат на зголемување на платите

Oтворањето на нови работни места постепено ќе доведуваат до притисок на пазарот на работна сила во правец на зголемување на платите на работниците. Ова ќе се случи затоа што колку помалку има невработени, толку повеќе ќе расте цената на трудот. И обратно. Кога има премногу луѓе што по секоја цена бараат работа, цената на трудот опаѓа. Ова, пак, ќе значи подигнување на заработувачката и на животниот стандард на населението, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во мега интервјуто за Телеграф.мк.

Ако еден работодавач има на располагање илјадници невработени што би работеле за, на пример, 200 или 300 евра месечно, зошто тој би плаќал повеќе. Но ако има многу малку такви, и згора на тоа поспособните веќе се вработени, а нему му требаат такви, тогаш тој самиот, без некој да го тера, без штрајкови или владини интервенции, ќе почне да нуди повисоки плати. Значи, патот до реално повисоки плати и повисок животен стандард оди преку намалување на невработеноста, што истовремено мора да е проследено и со зголемување на продуктивноста. А токму тоа се случува во овие години. Постојано намалување на невработеноста преку создадени одлични услови за водење бизнис и одлична воспоставена мрежа на контакти со потенцијалните инвеститори, вели тој.

Погледнете, додава Груевски, кога дојдовме во Владата Светска банка нè рангираше на 94. место во светот, според условите за водење бизнис. Сега нè рангира на 12. место во светот и шесто во Европа, и тоа веднаш зад четирите скандинавски земји и Англија кои, пак, имаат далеку поголеми трошоци за работа и производство.

Како прв човек на најголемата владејачка партија, која пред сè е насочена кон приоритетите на граѓаните, овој процес детално го следам. Еве, од почетокот на годинава досега имаме 17 нови странски инвестиции. Дел од нив почнаа градба на фабрика, дел работат во некој постоечки, а претходно напуштен објект, дел по долги преговори потпишаа договор со Владата, дел ги завршија инвестициите и почнаа со работа, потенцира претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.