Груевски: Преку проектите „Македонија вработува“ 1 и 2 досега се вработени околу 27.000 лица

Преку проектот „Македонија вработува 2“, кој е едногодишен проект и кој што трае до 27 јуни оваа година досега се вработиле околу 6.700 лица, а вкупно со проектот „Македонија вработува 1“ вработени се околу 27.000, истакна денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

 

„Проектот ‘Македонија вработува 2’ е едногодишен проект, започна во јуни минатата година и ќе заврши овој јуни, поточно на ден 27 јуни, што значи има од прилика околу месец и половина, помалку од месец и половина до завршување на овој проект и е добра можност тоа да го слушнат компаниите коишто размислуваат да вработаат луѓе дека до 27 јуни оваа година имаат можност да вработаат и да во наредните три, четири, пет години имаат одредени ослободувања по плаќање на персонален данок на доход или, пак, придонеси кон пензиско и здравствено осигурување, што значи вработените што ќе ги земат на работа ќе им бидат поевтини, затоа што нема да ги плаќаат за нив придонесите или персоналниот данок, зависно од категорија до категорија, бидејќи постојат повеќе категории главно ранливи категории на лица, меѓу коишто се долгорочно невработени лица, меѓу коишто се повеќе други социјално незгрижени лица…“, рече Груевски.

Посочи дека преку „Македонија вработува 1“ и „Македонија вработува 2“ се вработиле околу 27.000 лица а ваквата можност ја искористиле околу 4.600 компании во Македонија.

„Досега само во проектот ‘Македонија вработува 2’ вработени се околу 6.700 лица. Имајќи предвид дека во самиот финиш, на крајот таков е нашиот менталитет сé на крајот да се остави, се вработуваат најмногу. Нема да бидам изненаден ако бројката на крајот дојде некаде околу осум, девет можеби и десет илјади вработени. Вкупно 4.600 компании досега ја искористија оваа можност и вработија 6.700 лица, а очекувам во последниот месец и пол до 27 јуни сигурно уште две до три илјади ќе се вработаат, затоа што е од полза на самите фирми, ќе имаат вработен за којшто нема да плаќаат придонеси и нема да плаќаат персонален данок на доход во еден период од три односно до пет години. Така што последно потсетување за таквите компании да ја искористат приликата, нивната шанса да имаат помали трошоци за вработените, а она што државата сака да го направи е да има помалку невработени односно повеќе вработени лица“, рече Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потсети дека заедно со прокетот „Македонија вработува 1“, со кој се вработија речиси 20.000 лица, во моментов има веќе 27.000 луѓе, и изрази уверување дека бројката ќе се приближи до 30.000  луѓе до 27 јуни.

„Кога ќе се земат заедно ‘Македонија вработува 1’ и ‘Македонија вработува 2’, тоа се едни од нашите проекти со коишто ја намаливме невработеноста“, истакна Груевски.

Потсети, исто така, на огромната невработеност во периодот пред ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт во 2006 година, притоа додавајќи дека било напорно работено за намалувањето на невработеноста во изминатите години и продолжување на трендот на нејзино намалување.

„Да потсетам, кога влеговме во владата на 27 август 2006 година, невработеноста беше веројатно највисока во Европа, 38,7 отсто беше невработеноста 2005/2006 година сега таа е околу 23 отсто и е на најниско ниво во последните дваесет и неколку години и тоа треба да продолжи, тој тренд треба да продолжи. Јас верувам дека така ќе биде и во иднина, особено затоа што компаниите кои што ги донесовме, особено странските компании имаат повеќегодишни развојни планови и планови за вработување. На пример, некои од нив изградија објект, но планираат во првата година 100 вработувања, во втората уште 300, во третата уште 400 и така натаму, така што само посебе во многу компании е планирано генерирање на нови работни места затоа што се такви нивните развојни планови. Јас очекувам оваа бројка од 23 отсто, најмалку заради оваа причина, затоа што странските компании и нивите добавувачи имаат потпишани договори и планирани вработувања ќе има дополнителни работни места во Македонија, а верувам и на друг начин ќе се стимулираат вработувањата“, додаде Груевски.