Груевски: Приказната на Заев е купи ден продај, и отворање фабрики што ВМРО-ДПМНЕ ги донесе

Нема да се изненадам ако Зоран Заев во вторник се нацрта во Прилеп на камен темелник на нова фабрика којашто ја донесе ВМРО-ДПМНЕ ја донесе, и неговата приказна е купи ден продај, а после повторно Груевски ќе им биде виновен, рече во неделата вечерта во Охрид лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во обраќањето по повод годишната конференција на Унијата на младите сили на партијата.

„Ветуваа минимална плата од 16.000 денари, сега ја сведоа на 12.000, но и тоа зголемување кое треба да го направат газдите на фирмите ќе им се плаќа 6 плус 6 месеци од парите од сите граѓани од Буџетот, со што само потврдуваат дека давале нереални ветувања од некомпетентни луѓе. А што по 6 односно 12 месеци? Нема пари, нема музика“, истакна Груевски.

Рече и дека кога проблематично ќе биде за работниците кога ќе бидат потрошени парите за буџетското одржување на минималната плата.

„Кога ќе секнат буџетските дотации за минимална плата, на еден или на друг начин газдите ќе си се снајдат, се разбира на грбот на работниците. Ама приказната на Заев е купи ден продај. Шест месеци или дванаесет да се купат, па после што ќе биде нека биде. После повторно Груевски ќе им е виновен“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Засега, додаде Груевски, слушаме само за реформи од типот ветер и магла.

„Некомпетентни луѓе на клучни функции. Макрадули како информатичар, ако веќе морало да е заменик министер, секој мислеше дека ќе е во министерствотот за информатика. Заев го стави во екологија. Поима нема човекот од екологија, доправа ќе учи. За директор на агенцијата за администрација поставија член на изворшниот одбор на партијата. А нели ќе ја департизираа администрацијата. Значи, стана правило: сѐ што ветуваа тераат обратно. Едно на збор, обратно на дело“, констатираше Груевски.

Според него, на дело така функционира новата влада, и притоа додаде дека на неа народот не може да се потпре.

„Оваа влада е базирана на неработење, нестручност, безидејност, хаотичност, немање концепт, немање план, влада на која народот неможе да се потпре, влада која не држи до дадениот збор, базирана на омрза, гнев и лични фрустрации, пропратена со виткање кичма кога и каде треба. Тоа е во една реченица се за нив. Само рушење, запирање, незнаење, никаде создавање, креирање, модернизација“, оцени Груевски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече и дека имајќи ја предвид кадровската политика на Владата на СДСМ, премиерот Заев ќе чека долго време Самака Ибраимоски, Зоран Шапуриќ и Рамиз Мерко, да донесат странски инвестиции, но затоа ќе оди на отварање фабрики кои ги донесе ВМРО-ДПМНЕ, како што е „Џонсон Контролс“ во Струмица.

„Чекајки ги инвестициите од газда Самка, од Шапуриќ и и од мега-експертот за странски инвестиции Рамиз Мерко, Заев доаѓа на настани каде се пуштаат во употреба фабрики кои ние ги убедивме и донесовме, како ‘Џонсон Контролс’ во Струмица кој ќе вработи најмалку 1.500 луѓе, и со кого преговарав во владата во исто време кога на 5 мај 2015-та, хулиганите на СДСМ тепаа и повредија 40 полицајци пред Владата, во исконструиран лажен настан дека некој прикривал некое убиство“, посочи Груевски.

Кажа дека нема да биде изненаден доколку Заев се појави на камен темелник на новата германска фабрика во Прилеп, која ја донесе ВМРО-ДПМНЕ.

„И нема да се изненадам ако задутре, во вторник, Заев се нацрта во Прилеп на камен темелник на нова фабрика од Германија за производство на производи за кујна, кафемати и слично, која само во првата фаза ќе отвори околу 1,000 нови работни места, а во следнитедве фази ќе стигне до 3.000 вработени, и која министерот од владата на ВМРО-ДПМНЕ, Бил Павлески ја донесе, и заедно со него ги убедувавме да инвестираат во Македонија“, кажа Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.