Груевски: СДСМ брзаат да постават партиски јавен обвинител пред локалните за да бидат покомотни во правењето незаконитости на изборите

СДСМ се нема подобрено во однос на тоа што беше пред 11 години, напротив дури има и влошување во нивниот однос. Тие сега ќе се обидат да создадат една атмосфера, клима, дека новиот Јавен обвинител ќе биде непартиски, независен, а всушност под плаштот на тоа замајување на јавноста ќе се протне класично партиско решение. Човек што ќе биде целосно послушен на Владата, на СДСМ, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање по денешната посета на општина Бутел.

„Се брза за да се назначи јавен обвинител пред локалните избори за да бидат покомотни во правењето на незаконитости за време на локалните избори. Сосема е јасно дека тие планираат на овие избори да прават незаконитости, тоа веќе се гледа од некои чекори кои ги преземаат, а најмногу од брзањето да постават ЈО наводно независно, а всушност послушник на врхушката на СДСМ. Втората намера е тој да ги релаксира во однос на процесите кои се водат против нив и она што би можело да се води, затоа што во овие три месеци се направија толку незаконитости што исклучително им е важно што побрзо да назначат партиски јавен обвинител“, рече Груевски.