Груевски се сретна со германскиот министер за економија и шефот на ЕПП

Партиската делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од претседателот Никола Груевски денеска имаше средби со претставници од политичкиот живот на Германија, пренесе МИА.

Груевски претпладнето оствари средба со федералниот министер за економија на Сојузна Република Германија од Владата на канцеларката Меркел, министерот Герт Милер. На средбата станало збор за натамошно искористување на потенцијалите на економски план меѓу двете држави при што било констатирано дека сегашното ниво на соработка дава потенцијал за дополнително интензивирање на економските односи.

Груевски на сојузниот министер му ги презентирал реформите и чекорите кои ги презема Македонија во насока на креирање поволна бизнис клима. Како резултат на овие мерки кои беа препознати како атрактивни десетина германски компании во последниве неколку години инвестираа во земјата. Досега германски капитал во Македонија беше инвестиран од компанијата Дрекслермаер, лоцирана во Кавадарци, Маркард сместена во Велес, Техникал Текстајл во Штип, Акомпласт во Прилеп, Герман електро мехатроникс, Костал и ОДВ лоцирани во Охрид, Кромберт и Шуберт во Битола и други.

Федералниот министер Милер посочи дека Германија ја поддржува економската соработка и заеднички ќе продолжи да се работи за нејзино дополнително развивање.

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Груевски денеска оствари средба и со претседателот на Европската народна партија во Советот на Европа Аксел Фишер со кого разговараше за повеќе актуелни теми од областа на економијата, политичката криза во Македонија и темата со мигрантите.

gruevski 1

– Имавме добра дискусија за работи околу Македонија, можностите да и се помогне и да се поддржи Македонија, да се има блиска соработка на економско и други полиња. Разговаравме и за изборите во Македонија и за важноста тие да бидат според европските стандарди. Морам да изразам благодарност на вашата земја за справувањето на границите во однос на проблемот со мигрантите, што е многу важно за цела Европа, изјави Фишер.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој е и потпретседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа, говорејќи за средбите во Берлин вели дека се работи за значајна размена на информации со министерот за економија во федералната влада на Германија, Милер и со претседателот на Европската народна партија во Советот на Европа Аксел Фишер.

– Во изминатите денови имавме значајни средби со пратеници од германскиот Бундестаг, со дипломати и останати политичари со кои разговаравме за унапредување на односите меѓу двете држави, за ситуацијата со мигрантите, каде што двете држави тесно соработуваат имајќи предвид дека е заеднички предизвик, за подобрување на економските односи, кои се на задоволително ниво имајќи предвид дека значаен дел од извозот на Република Македонија доаѓа токму од Германија и Македонија е една од ретките држави која има суфицит во трговскиот биланс со Германија.

gruevski 2

Станало збор и за политичката ситуација.

– Сметам дека е исклучително важно што сме во Центарот на Европа, во еден од градовите каде се носат главните одлуки за Европа и тоа што и Македонија и ВМРО-ДПМНЕ се гледаат како сериозен и стабилен партнер, Македонија како партнер на Германија, а ВМРО-ДПМНЕ како партнер на сестринските партии ЦДУ и ЦСУ, рече Николовски.