Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, денеска во Абу Даби се сретна со престолонаследникот на Обединетите Арапски Емирати и врховен командант на вооружените сили, Шеик Мохамед Бин Зајед Ал Нахјан.
Соговорниците ги поздравија добрите политички односи кои што се воспоставени помеѓу двете земји и истакнаа заедничка заложба за продолжување на политичкиот дијалог на високо ниво. Посебен акцент беше даден на интересот за продолжување на економската соработка, зголемување на надворешно трговската размена и соработката на полето на инвестициите, информираат од владината прес-служба.
Премиерот Груевски ги истакна реформите кои што ги презема нашата земја кои што водат кон креирање на добра бизнис клима и поддршка на бизнис секторот. Од страна на претседателот на Владата на Република Македонија беше истакната и заложба за создавање на можности за соработка меѓу економските субјекти од двете земји.
Во рамките на презентацијата на потенцијалите и можностите кои се нудат, Груевски ги истакна поволностите кои нашата земја ги овозможува на странските инвеститори, најниските трошоци за правење на бизнис во Европа, нискиот даночен пакет кој го нуди државата, договорите за слободна трговија кои што ги имаме склучено со сите земји од континентот Европа и погодностите кои ги нудат технолошко индустриските развојни зони.
Од страна на македонската делегација беа претставени поголем број на конкретни проекти кои што би можеле да бидат предмет на понатамошна заедничка соработка на Република Македонија и Обединетите Арапски Емирати во областа на инфраструктурата, рударството, енергетиката, туризмот и авио превозот.
Соговорниците се согласија дека во идниот период претставници од двете страни ќе продолжат со конкретно разгледување и детализирање на сите можности и опции за остварување на конкретна соработка.