Груевски: Со помош на надворешни фактори од национален предавник како Заев направија жртва

Овие денови сме сведоци на психолошка војна. Втеруваат страв на сите страни. Заплашување, притисоци, закани со бркање од работа, а во исто време демонстрираат надменост и ароганција, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на средбата со граѓани во Росоман.

-Главната работа како Влада им е не да привлекуваат инвеститори кои ќе отвораат нови работни места, туку како да направат штета. Главната алатка не им е да ги слушнат граѓаните и нивните потреби и да им излезат во пресрет туку како да ги заплашат со полиција, да им влеат страв и да ја реализираат својата цел. Станавме држава во која полицијата наместо да апси криминалци, таа го штити криминалот. Можеби сега се во облаците, но колку повисоко летаат падот ќе им биде поголем. Колку повеќе се закануваат, толку повеќе сме непокорни.  Колку повеќе сакаат да внесат страв, толку повеќе им порачуваме дека не им се плашиме. Забораваат дека ние сме ВМРО и дека во нас гори таа пркосна идеја која се спротивставила на многу поголеми и многу пострашни закани од овие неспособни луѓе. СДСМ, како што видовте, немаат некои сериозни проекти, немаат програми и затоа зботруваат за воздух, за ветер и за магла. Видоа дека не можат да се мерат со работа со нас, па удрија на криминални избори. Удрија на избори со многу поткуп, заплашување, со многу уцени, со страв кај луѓето.  Во првиот круг видовме како СДСМ организира избори- страв и притисоци на сите страни. Во Македонија спроведоа африкански избори. Стигнавме на рангот на Сомалија и Кенија. Пукнат череп на градоначалник, убиен носител на советничка листа, скрешни штабови на ВМРО-ДПМНЕ на многу места, следени кандидати за градоначалници за потоа да им се оди на врата на луѓето и да им се закануваат.  Слики на партиски активисти во натпревар чич пиштол е поголем и подобро пука, а полицијата молчи. Молчи затоа што е соучесник во сите овие работи. Секој ден со име и со презиме дознаваме како потплаќаат гласови, информираме, но нема реакција. Следниот ден истата песна ја продолжуваат. Носакам да им порачам дека нема да не скршат затоа што народот гледа што се случува, ќе им се врати како бумеранг и ќе дојде време кога ќе има и одговорност за ова што го прават, порача Груевски.

Тој вели дека за СДСМ е нормално да се ослободуваат криминалци, да се легализираат хомосексуални бракови и тие да посвојуваат деца.

-Крајната цел на сето ова што го прават е да се сузбие секој слободномислечки Македонец кој се грижи за својата држава, кој си ја сака својата земја, својот идентитет, своето име, јазик. И преку разни механизми да се создаде една општа претстава  дека не е модерно човек да си ја сака земјата и да се грижи за неа, туку дека модерно е геј бракови,  хомосексуални бракови да посвојуваат деца, да се легализира марихуаната, да се максимизира алкохолото. Нормалното го прават ненормално, а ненормалното-нормално. Секој кој ќе помисли да ја штити државата, како што беше на 27-ми април, секој кој снимал документарни филмови за македонската историја, за македонските херои или кој бил вклучен во градба на споменици на македонските херои кои ги дале животите за нашата слобода, треба да се плаши дали ќе биде наместен или притиснат или под било каков процес. Едноставно кажано, криминалците на слобода, а патриотите по затвори. Красниќи на слобода, насмеан, среќен и весел, ослободен далеку пред да му истече казната. Едмонд Темелко, човекот кој е борец за човековите права на Македонците во Албанија и единствен Македонец кој е градоначалник во Албанија е во затвор. Убијците на децата од Смилковското езеро каде имавме свирепо убиство на 5 лица само затоа што се Македонци, нив  ќе ги пуштаат на слобода, а дедото за кубење на коса 4 години во затвор, рече Груевски.

Тој рече дека немилите настани од 27-ми април биле грешка и не требале да се случат. Тие биле, рече,  намерно испровоцирани и било реакција на акцијата за нелегален избор на претседател на Собранието.

-Што се случи? Со помош на надворешни фактори од еден ноторен криминалец и национален предавник како Заев, да се направи жртва. Овие луѓе треба да се ослободат и ние ќе направиме се што е во наша моќ да  помогнеме во нивно ослободување. Во оваа земја или треба секој да одговори согласно законот или ако се пуштаат криминалци како Красниќи, како Бајруш како оној Рахиќ кој е осомничен за дилање на дрога, како овие 1050 затвореници што сега сакаат да ги амнестираат, тогаш не гледам ниту една причина овие луѓе кои ги прогонуваат за 27-ми април и понатаму да бидат во прогон или во притвор, порача Груевски.

Груевски потенцира дека додека СДСМ води вакви политики, индустриското производство, извозот и девизните резерви паѓаат, секој месец прогнозата за растот на економијата оди надолу.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.