Груевски: Три нови инвестиции за 500 нови работни места

инвестиции

Првата добра вест е дека компанијата Malhotra Cables од Индија одлучи да инвестира во Македонија градејќи сопствен производствен погон во Технолошко-индустриската развојна зона во Скопје.

Се работи за инвестиција од 10 милиони долари која ќе донесе почетни 100 вработувања со понатамошни планови за проширување. Погонот на компанијата кој ќе почне да се гради во наредните три месеци, ќе се простира на површина од 4 илјади квадратни метри, а ќе треба да биде готов до крајот на наредната година. Се работи за компанија која се занимава со производство на кабли и сурови материјали кои се користат во автомобилската индустрија и претставува добавувач за големи компании. Ова е нивна прва инвестиција во Европа, а производството ќе се пласира на европскиот пазар што значи развој и прилив на свежи средства во македонската економија. Првичниот контакт и разговорите околу самата инвестиција ги водеше директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриско развојните зони, Виктор Мизо, извести Груевски.

Втората добра вест е што најголемата компанија за преработка на тутун во Грција, Seke, одлучи да инвестира во општина Крушево во погон за преработка и откуп на тутун.

Тие веќе имаат основано компанија во Македонија, купено земјиште во зоната и привршуваат со нивните проекти по што до крајот на март наредната година ќе започнат со градба на објектот во индустриската зона во Крушево при што ќе инвестираат 5 милиони евра. Планот е оваа фабрика по финализирање на бизнис планот да обезбеди работа за 300 вработени, со план да откупуваат годишно повеќе од 4000 тони тутун. Освен директните вработувања оваа инвестиција е значајна за поддршка на тутунарите чиј тутун ќе биде откупуван што значи сигурен пласман. Ова е одлична вест за заживување и дополнителен економски развој на општина Крушево, но и на прилепскиот регион и подрачјето на Могила и Новаци каде веќе ги имаат склучено првите договори за откуп на тутун. За носење на оваа инвестиција свој придонес има заменик министерот за земјоделие, Ванчо Костадиновски, како и градоначалникот на општина Крушево, Ѓорги Дамчески, напиша Груевски.

Третата позитивна вест е што во Македонија влегува компанијата Lubrinaft од Република Полска. Оваа компанија донесе одлука да ивестира во Македонија во производство на хидраулични масла и други масла за подмачкување во Неготино.

Оваа инвестиција ќе достигне до 10 милиони евра и ќе отвори нови 100 работни места и тоа наредната година, со планови за понатамошно проширување. Компанијата својот капацитет ќе го смести во браунфилд објект и ќе претставува значајна поддршка за Неготино и ќе влијае за дополнително намалување на невработеноста.  Оваа компанија веќе има интернационално искуство во производство на масла во индустријата и опрема како што се автоцистерни и има свои претставништва во Словенија, Словачка, Унгарија и Италија. На оваа инвестиција работеше Бојан Петровски кој е советник во Владата во секторот за привлекување инвестиции, соопшти Груевски.

Три инвестиции за нови 500 работни места и обезбедување на сигурност и стабилна егзистенција на 500 семејства од Скопје, Крушево и Неготино.

Додека другите се занимаваат со бомби, клеветења, навреди, создавање на кризи, кантонизации, ние отвораме нови работни места и ги решаваме проблемите на граѓаните. Тоа е она што им е потребно на граѓаните. Во минатото немаше ниту една странска инвестиција, но работите се променија. Ваквите инвестиции се двигател на развојот особено кога доаѓаат во време на тешка политичка криза. Секој поминат ден за нас е нова борба за отворање на работни места што преставува еден од најважнте предизвици за граѓаните. Ние за разлика од нашите конкуренти ветуваме реални работи и сме посветени кон она што го прави животот подобар и поуспешен. Нема поголема сатисфакција од решените проблеми на граѓаните, нешто што постојано го правиме и на што работиме. Економијата останува нашиот фокус, реализираме реални дела, за реалните потреби на граѓаните, а заедно ќе направиме многу повеќе. РАБОТА, СИГУРНОСТ, НАПРЕДОК, за силна, суверна и стабилна Македонија!, напиша Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.