Груевски: Ваков прогон немало од 1949-та, но ВМРО-ДПМНЕ ќе го преживее и ова

Досега повеќе од 140 лица се нападнати од различните институции на власта. Станува збор за прогон кој не е виден од 1949 година, но партијата ќе го преживее и ова, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во вчерашното интервју за порталот КУРИР и додава дека очекува покана за НАТО и почеток на преговорите со ЕУ, но, според него, чекорите кои ги прави сегашната власт нѐ оддалечуваат од тоа.

„Очекувам и посакувам. Тоа е она што и треба на земјата. Но, овие чекори не оддалечуваат од тоа. Да тргнеш да апсеш 5 отсто од пратениците во парламентот, или 12 отсто од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, да ги претставуваш како терористи, да им вршиш упади по домовите пред очите на нивните деца, да затвораш недолжни луѓе, акери, режисери, оперски пејачи итн прикажувајки ги како терористи, само затоа што политички не се согласуваат со тебе, тоа не е европизирање. Владата во изминатиот период не правеше реформи, само зборуваше за нив. Таа се занимава со хајка и политички конструкции кон членови и подржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, со цел да ја ослабне на таков начин. Досега преку 140 лица се нападнати од различните институции на власта. Ваков прогон немало од 1949 та година“, вели Груевски на прашањето дали очекува покана за НАТО и почеток на преговорите со Европската унија.

Додава дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го преживее и ова, и оти и Македонија, исто така, ќе ја надмине оваа ситуаци, но и оти ќе има последици.

Целта, според Груевски, е да се удри по ВМРО-ДПМНЕ како партија која се грижи за националните интереси на Македонците и на сите граѓани во Македонија, да се ослаби партијата и нејзиното влијание, со цел да не може да делува во полн капацитет во времињата кои доаѓаат.

„Целта е да се отргне вниманието од други процеси кои следуваат. Целта е да се исплаши народот и на ништо да не реагира, што и да се случува. Но, многу брутално и безмилосно. Се прекршија многу законски постапки, вклучувајки го и бруталното и незаконско лишување од слобода на пратениците пред да парламентот одлучи за нивниот имунитет. Со лисици на рацете се изнеле и се држеле во судот поголем дел од денот. Крајно недемократски. Погазена е демократијата. Државата се води ревашистички и од политичари водени од гнев и омрза. Без елементарна човечност кога имаат некои политички цели“, вели меѓу другото Груевски.

„Можеби сега сето тоа им изгледа дека ќе помине и ќе се заборави, дека многу долго ќе се на власт, но времињата ќе се променат и еден ден длабоко ќе се каат за тоа. Народот ќе си ја врати државата“, додава Груевски.

Инаку, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во интервјуто за КУРИР најави и дека ќе поднесе оставка пред органите на партијата.