Груевски вети поголема поддршка за земјоделците од Новаци

новаци

Во Програмата се предвидува и во следниот четиригодишен период да продолжи политиката на прераспределба на државното земјоделско земјиште, поволни кредити за земјоделците преку Македонската банка за поддршка на развојот со субвенционирана каматна стапка од 4 и 5 отсто, нови 600 милиони евра субвенции за земјоделците за следните четири години, 80 проценти финансиска поддршка од државата за системот „капка по капка“ и исто толку државна помош за набавка на високоприносен добиток.

Груевски пред жителите на Новаци го презентираше и новиот проект „Рурална развојни зони“ со кој, како што рече, секој оној граѓани којшто ќе сака да започне бизнис во следните пет години ќе добие низа поволности исто како оние во слободните економски зони.

– Цела Македонија ќе стане слободна економска зона. Значи, сето она што го има во зоните ќе го има и тука. Се даваат такви можности што бројката од 70.000 нови работни места колку што се предвидуваат за следните четири години, најверојатно ќе се надмине, истакна Груевски.

Тој посочи дека со овој проект се предвидува 80 проценти од лицата кои ќе бидат вработени во новите објекти што ќе се отворат да биле невработени најмалку шест месеци. Ова, рече Груевски, го правиме за да се вработат невработените и да се отворат нови работни места.

Во Програмата се предвидени низа поволности за оние работодавачи коишто ќе решат да ги рестартираат фирмите што сега се во стечај. Со грантови од државата, како што нагласи Груевски, ќе се реши и ова горливо прашање од транзицијата.

Според него, Програмата која што е изработена за следниот четиригодишен период содржи проекти што се реално остварливи.

– Со нас знаете на што сте, со нас сте на сигурно и за вас и за вашето семејство, но на сигурно и за Македонија. За Македонија унитарна и суверена, а не кантонизирана и распарчувана. За Македонија каква што ја сака народот и за Македонија  со влада која одговара и дава отчет пред народот.