Груевски: ВМРО-ДПМНЕ е партија што ги почитува и обединува сите, така ќе продолжи и во иднина

ВМРО-ДПМНЕ вечерва организираше ифтар вечера за членовите и поддржувачите на партијата од исламска вероисповед. На вечерата присуствуваа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, генералниот секретар Емил Димитриев, градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, Христијан Мицковски, Нола Исмајлоска, Фатмир Имеровски, Нермин Телоска, Владимир Ѓоргев, Даниела Рангелова, Зеќир Рамчиловиќ, Демир Далип и многу други гости.

„Во екот на рамазанските пости се собравме повторно и стана некако традиција ВМРО-ДПМНЕ секоја година на еден ваков начин да собира барем еден дел од своите членови кои што се со муслиманска вероисповед овде во Скопје и во другите градови за да заеднички се собереме на ифтар и заеднички да ги споделиме овие мигови затоа што ова се празници кога луѓето размислуваат за смирување и кога се посмирени и размислува за иднината. Сакам во оваа прилика да ви ги честитам рамазанските празници да ви посакам многу здравје пред се, смирение во душата, да ви посакам поголем напредок и успеси. Сакам да ви порачам дека ние како партија од секогаш ги почитуваме вредностите на нашите религии и на христијанската и на муслиманската, но и на сите религии, затоа што ако тие правилно се толкуваат тие се вистински врености кои повикуваат на сплотеност, заедништво и помагање и тоа се вредности кои треба да ни бидат водилки во животот на сите нас и како индивидуи и како членови на партии“, истакна Груевски.

Порача дека преку овој собир се сака да се покаже дека тие како партија ги почитуваат сите и ВМРО-ДПМНЕ е партија во која сите се добредојдени и сите се почитувани.

„Ние сме партија која ги почитува сите, ги сака сите и сака да им помогне на сите граѓани на Република Македонија, настрана пропагандата што ја правеа против нас дека сме биле против Албанците или против муслиманите, тие што се во нашата партија без разлика дали се Македонци, Албанци, Роми, Турци или Бошњаци, добро знаат дека ВМРО-ДПМНЕ е партија што ги почитува и обединува сите и така и ќе продолжи во иднина“, рече Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.