Груевски во бегство, а Собранието расправа за одземање на имунитетот

На седница закажана попладнево Собранието ќе расправа за одземање на пратеничкиот имунитет на поранешниот премиер Никола Груевски, кој од пред две недели е во бегство.

Претходно, Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања ги усвои шесте барања од Кривичниот суд кој бара одобрување од пратениците за да донесе одлука за притвор на Груевски. Комисијата по ова донесе одлука со препорака за одземање на имунитетот на Груевски. Комисиската седница се одвиваше без расправа и без присуство на пратениците од опозицијата.

Како што информираше претседателот на Комисијата, пратеникот Павле Богоевски Груевски за одржување на комисиската седница бил извесен електронски и писмено преку пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ.

За да му биде одземен пратеничкиот имунитет на Груевски за предлогот треба да гласаат мнозинството од вкупниот број на пратеници односно 61 пратеник.

Од ВМРО ДПМНЕ за барањето за одземање на имунитетот на Груевски коментираат дека сите случувања околу поранешниот премиер многу повеќе говорат за владеење на СДСМ и политиките кои ги води актуелната Владата.

„Тука повеќе не станува збор дали Собранието ќе го одземе мандатот, станува збор за каква власт се работи, за какво мнозинство се работи, за какво црно сценарио функционира и се одвива во Република Македонија кога актуелен пратеник од опозицијата во републичкото собрание добива политички азил од земја членка на НАТО и на ЕУ. Мислам дека поголем одговор од ова  не е потребен затоа што се она што значеше околу прашањето со Никола Груевски, судството и политичкиот прогон го имаме неколку пати спомнато, сметам дека ова ќе биде доволно за сега“, вели Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО ДПМНЕ.

Инаку, само еден ден пред Груевски да побегне во Унгарија Собранието расправаше за одземање на неговиот мандат. Предлогот не беше изгласан бидејќи за него не гласаат две третини од пратениците односно. Поради ова, поранешниот премиер се уште е пратеник и секој месец на банкарската сметка му пристигнува пратеничката плата.

Груевски е во бегство од 10-ти месецов. Неговото заминување од земјава отвори голем број прашања, а јавноста побара одговори од надлежните за тоа како успеал незабележано да им побегне на властите. Една недела подоцна, унгарските власти позитивно одговорија на неговото барање за политички азил.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.