Груевски: Во Карбинци ќе изградиме ново училиште, ќе реконструираме многу улици и ќе отвориме нови работни места

Денеска сум тука на еден многу голем ден 23 октомври денот на македонската револуционерна борба, денот на формирањето на ВМРО-ДПМНЕ, нашата организација која секогаш била и секогаш ќе остане главен и основен столб на македонските интереси и македонската држава. Тоа е ВМРО од секогаш со народот, за народот и со жртва и саможртва, секогаш на браникот на татковината, ова од Карбинци во понеделникто вечерта го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„На овие избори видовме дека другата страна немаат ниту некои сериозни проекти, ниту програми и затоа ни говореа за воздух, ветер и магла, па видоа дека не можат да се мерат со работа со нас и удрија на криминални избори. Во Македонија се спроведоа африкански избори, видовме пукнат череп на кандидат за градоначалник, убиен кандидат за советник, искршени штабови на ВМРО-ДПМНЕ, слики со пиштоли и полиција која молчи и чува стража додека СДСМ поткупува гласачи на различни места“, рече Груевски.

Додаде дека секој ден со име и презиме дознаваме како потплаќаат гласови, но нема реакции и следниот ден истата песна тие ја продолжуваат.

„Крајната цел е да се разбие секој Македонец кој размислува за својата држава, кој го сака својот јазик и идентитет и преку разни механизми истите да делуваат. Сакањето на државата тие сакат да го направат нешто што е немодерно, а пак повредни да станат работите како легализација на хомосексуалноста, легализација на марихуана, дрога и масовна употреба на алкохоли“, посочи Груевски.

Предупреди дека дошло време криминалците да се на слобода, а патриотите во затвор.

„Красниќи на слободна, а Едмонд Темелко, човек кој што е борец за човекови права на Македонците во Албанија, единствен градоначалник надвор од границите на Македонија, тој во затвор. Убијците на децата во Смилковското езеро ќе ги пуштаат на слобода, а дедото за кубење коса, четири години затвор, изјави Груевски.

Кажа дека немилите настани кои се случени на 27 април биле немили сцени кои не требало да ги има, но дека биле намерно испровоцирани. Тој кажа и дека кога гледаат колку криминалци се ослободуваат од затвор и гледаме како се апсат овие луѓе тоа е неправда и најави дека целосно ќе се застане зад нив.

„Сево ова време додека тие прават спектакли економијата тоне, индустриското производство паѓа, а се намалува и девизните резерви. Од странски инвестиции нема ништо, а и постојните размислуваат за заминување, просечната плата не расте како што тие ветуваа, таа паѓа, а зголемување на пензиите нема иако имаше ветување. Наспроти лагата на СДСМ за зголемување на пензиите во времето на ВМРО-ДПМНЕ без малку дупло се зголемија и тоа е разликата помеѓу нив и нас. Сиромаштијата расте, државата е на колена, но тие не заборавија да го склучат штетниот договор со Бугарија уште првата недела од нивното доаѓање на власт. Ние немаме никаков проблем за Бугарија, таа е наш сосед и ние треба да живееме во слога и хармонија, но тие го прифатија откажувањето на македонското малцинство во Бугарија, како и прогласување на заедничка историја. Тие го најавуваат и договорот со Грција каде што планираат да прифатат се и да го променат името, јазикот, нацијата, а потоа ќе ги донесат и мигрантите од Африка и Азија во Македонија на коишто со сиот ум Заев планира да им даде државјанства и да ги прави нивни гласачи“, истакна Груевски.

Рече дека вработеноста во Карбинци во 2006 година имало 280 вработени лица, а на крајот на 2016 година бројот е 550 лица, а тоа се дупло повеќе вработени лица и нивната основна цел во минатиот период биле отворање на нови работни места. Груевски најави и бесплатен здрав оброк за учениците од прво до петто одделение како и стекнување на сопствен дом на семејствата во Карбинци со симболична почетна цена од 1 евро по квадрат и со ослободување на комуналиите.

„Ќе направиме и ново училиште, ќе ја реконструираме прочистителната станица, а ќе рекунструираме и многу улици во Карбинци, а најмногу од се ќе носиме нови инвестиции за да има нови работни места“, рече Груевски