Груевски во обиколка на локациите за промоција на културно наследство и туризам

Заедно со министерката за култура Елизабета Канчевска Милевска, премиерот Никола Груевски оствари посета на локациите низ Охрид каде се завршени или е во тек реализацијата на проекти насочени за промоција на богатото културно наследство во градот, но и за унапредување на културниот туризам во регионот.

– Во Охрид ги промовираме фасадите на три објекти во централното градско подрачје кои се целосно завршени во рамки на проектот за обнова на фасади во старите градски јадра низ земјата. Во изминатиот период се завршени уште седум објекти, со целосно реновирани фасади меѓу кои и куќата на Ајри Доко која е целосно внатрешно и надворешно реконструирана, истакна министерката.

poseta

Придружувани од градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, тие го посетија и локалитетот „Манчевци“ со ранохристијанската базилика каде се работи на последната фаза од заштитата на мозаиците и илуминацијата на локалитетот, како и покривната конструкција на сцената на Античкиот театар.

За градежните активности на реконструкцијата на Светиклиментовиот универзитет министерката укажа дека сите конзерваторски активности на археолошките наоди на локалитетот се завршени, така што до крајот на годината ќе бидат покриени сите објекти.

p

– Динамиката се реализира според акцискиот план, така што очекуваме до крајот на 2016 и почетокот на 2017 година да можеме да го промовираме овој многу значаен проект кој верувам дека ќе биде од огромно значение за промоција на богатото културно наследство на Охрид, истакна таа.

Министерката ја искористи можноста да укаже на големата посетеност на Музејот на вода во Заливот на коските кај Градиште, нагласувајќи дека само во текот на оваа година се остварени над 30 илјади посети, што претставува значаен материјален приход на средства што наменски ќе се трошат за реализација на слични проекти.

– Приходите што ги добива институцијата од околу осум милиони денари се наменети за реализација на други проекти, заедно со приходите од трите сувенирници поставени во централното градско подрачје, истакна Канческа-Милевска додавајќи дека преку Музејот на Македонија наредната година ќе биде збогатена понудата на сувенири во земјата.