Груевски: Врвен приоритет во судството е креирање квалитетен кадар

Врвен приоритет на Владата е создавање на квалитетен кадар со знаење, вештини и интегритет за достојно извршување на работите во правосудството, рече денеска премиерот Никола Груевски, по повод приемот на петтата генерација на слушатели на почетната обука во Академијата за судии и јавни обвинители.

Премиерот нагласи дека Академијата е важна при изградбата на ваков кадар, кој ќе се одликува со висока професионалност, објективност и независност во работата.

„Изборот на судии и јавни обвинители се врши исклучиво од редот на оние кои ја завршиле обуката. Покажавме дека имаме политичка волја за избор на судии и обвинители од редот на најквалитетните правници кои ќе го поседуваат и неопходниот интегритет“, рече премиерот.

Овие слушатели, како што нагласи Груевски, се дел од првата генерација согласно новиот Закон за академијата.

За ресорниот министер, Блерим Беџети, преку Академијата се зголемуваат професионалните капацитети на слушателите, а како врвен приоритет на македонското правосудство останува почитувањето на меѓународните закони и стандарди за независност и ефикасност на органите на правосудството во земјата.

„Веќе започна наставата на петтата генерација на кандидати за судии и јавни обвинители на почетната обука. Има вкупно 13 слушатели. Сите ги исполнија високите критериуми за влез во Академијата, согласно новиот закон. Го поминаа процесот на селекција, стручниот тест, како тестовите за интегритет и психолошкиот“, рече директорката на Академија, Анета Арнаудовска, по свеченоста.

Вкупно 13 слушатели од петтата генерација денеска положија свечена заклетва ,а на настанот присустуваа претставници од правосудните органи во земјата како и од дипломатскиот кор.