Во однос на прашањето за медиумите и дали има приближување на ставовите околу ова прашање Груевски истакна дека ја поддржува слободата на медиумите. Како што вели слободата на изразување и информирање е клучна вредност на нашиот политички систем.
Во однос на медиумите и слободата на медиумите, би сакал да истакнам дека ја поддржувам слободата на медиумите, а слободата на изразување и информирање е клучна вредност на нашиот политички систем. Медиумите мора да бидат слободни и независни од какво било политичко, комерцијално или какво било друго влијание, злоупотреба или притисок, тие треба да може да ја извршуваат својата работа слободно. Тие играат клучна улога во нашето општество и ние сите мора да ја поддржуваме. Уредничката политика мора да биде единствено одлука на новинарот и ги охрабрувам сите медиуми секогаш да бараат различно мислење, алтернативни гледишта затоа што тоа е суштината на демократијата.
Како што знаете, меѓу партиите се водат разговори за медиумите. Би сакал да истакнам три работи: прво, Македонија има закон кој беше усвоен по осуммесечна дебата со сите чинители како новинарските здруженија, ТВ и радио здруженија, дневни весници и нивни синдикати. Тие доставија свои мислења и барања и повеќето од нов беа усвоени во овој закон, а не смееме да зборавиме и дека законот беше напишан од страна на експерти под покровителство на ЕУ со помош на експерти од Советот на Европа и ОБСЕ. ЕУ инвестираше големи човечки и финансиски ресурси и благодарни сме им за тоа. Второ, бидејќи опозицијата СДСМ бара измени на законот, морам да истакнам дека сме подготвени да разговараме како што и правиме и сме спремни да го прифатиме кој било закон од 28-те земји членки во ЕУ, Македонија е земја кандидатка за членство во ЕУ, наша обврска е да го усвоиме законодавството на ЕУ, ова може да биде многу позитивен чекор во таа насока. Трето, го изменивме Изборниот законик во консензус со опозицијата, на тој начин обезбедувајќи еднакво претставување на сите партии и кандидати на нивната програма и ставови во изборниот период.
Секогаш сум отворен да го слушнам мислењето на новинарите и медиумите и ве уверувам дека нашиот дијалог со медиумите како и нашите напори за подобрување на медиумското окружување ќе продолжат со иста динамика и по изборите.
Груевски говореше и за почетокот на процесуирање на случаи од страна на Специјалното јавно обвинителство против дел од раководството на ВМРО. Тој вели дека разликата во односот кон институциите меѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ и во овој домен е огромна.
Сведоци сте какви навреди и напади упатија од СДСМ врз Јавното Обвинителство на Република Македонија само заради тоа што согласно своите ингеренции процениле дека постои основано сомнение за да се покрене истрага во врска со нерационалните кирии кои сам себе си ги исплаќал директор на една компанија.
Ние како партија во ниту еден момент не тргнавме да го омаловажуваме и девалвираме СЈО. Убедени сме дека нашите функционери не сториле никакво кривично дело и знаеме дека тоа ќе се докаже во натамошната постапка. Знаеме дека СДСМ преку своите медиуми сака да креира атмосфера на тензија и линч бидејќи тоа е единствениот начин да се обидат да добијат некој поен во кампањата. Сосем е разбирливо во ситуација кога немаат никаква програма, ниту проекти кои би ги понудиле, да се обидат преку негативна кампања да креираат впечаток дека сите се исти. За разлика од СДСМ, јас сум убеден дека граѓаните не забораваат. Граѓаните знаат со какви се предизвици се соочуваше МВР и какви се резултати постигна под водство на Гордана Јанкулоска. Граѓаните знаат колку професионално беше изведена акцијата „Планинска бура“, „Пепел“ или заплената на половина тон кокаин. Оливер Спасовски е технички министер повеќе од три месеци. Не видовме дека тој и неговиот добро платен тим околу него, и покрај сите незаконски смени кои ги изврши има реализирано барем една акција во која запленил поголема количина на дрога или оружје.
Граѓаните знаат колку патишта и мостови се изградени и реновирани додека Миле Јанакиески го водеше ресорот Транспорт и врски. Од набавка на возови, преку изградба на социјални станови па се до гасификацијата се проекти кои отпочнаа и во голема мера беа реализирани токму од Јанакиески. Затоа сигурен сум дека СДСМ нема да успее во својата деструктивна и црна кампања. Победите на ВМРО ДПМНЕ изминативе 10 години беа кристално чисти, базирани на програми и проекти и нивна реализација. Таква ќе биде победата и на 24 април.
Удар врз кредибилитетот на институцијата изврши токму Зоран Заев. Тој дури и на јавни собири ги најавуваше сите идни чекори на СЈО. Нему му заблагодаруваше сопругата на Зоран Верушевски затоа што Катица Јанева побара да се укине притворот на првообвинетиот во случајот „Пуч“. За жал немаше никаков демант или осуда на однесувањето на Зоран Заев и тоа придонесе во јавноста да се роди огромен сомнеж за непристрасноста и професионалноста во постапувањето на СЈО. Јавноста беше сведок на десетици пријави од страна на лица кои се жалеа на непрофесионалниот и незаконскиот однос на СЈО. Сите овие дамки останаа без соодветен одговор. ВМРО ДПМНЕ нема да поддржи незаконско и неуставно работење. Секој орган и секоја институција мора да делува во рамки на своите надлежности бидејќи никој не е над Уставот и законите. Нападите врз Советот на јавни обвинители, орган кој е задолжен за контрола на работењето на СЈО, секако не оди во прилог на градењето на кредибилитетот на СЈО, туку уште повеќе го подрива.
Ние и понатаму ќе промовираме нови проекти и реформи, нови фабрики и нови работни места, а СДСМ може да продолжи да се обидува да промовира афери, манипулации и скандали. Ние ќе продолжиме да се бориме за стабилност и привлекување инвестиции, а тие нека продолжат да се обидуваат да конструираат кризи и тензии. Граѓаните на 24 април ќе го имаат последниот збор кога ќе треба да заокружат една од овие две понуди.
Интервјуто во целост прочитајте го на Телеграф.мк.