Груевски: Законот за слободни здравствени зони ќе ги мотивира инвеститорите

Владата веќе го донесе во владина постапка Законот за здравствени слободни зони и другите закони што се потребни за да функционира тој закон и го испрати до парламентот, истакна премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање.

Со законот ние всушност сакаме да мотивираме, да охрабриме инвеститори кои што се занимаваат со инвестиции во болници, клиники, здравство да инвестираат во овие слободни здравствени зони и пред се заради правење на здравствен туризам. Законот предвидува дека секој оној кој ќе изгради клиника, болница и слично во рамките на слободните здравствени зони ќе биде ослободен од данок на добивка 10 години, 10 години ќе биде ослободен од персонален данок на доход и 10 години ќе биде ослободен од сите давачки за набавка на опрема, апарати, помошен медицински материјал, помагала медицински и на тој начин ќе му се даде дополнителна, конкурентна , ценовна предност во правец на тоа да развие здравствен туризам, рече Груевски.

Посочи дека во Македонија цените на здравствените услуги се далеку пониски од развиените западни држави, но со овие ослободувања дополнително се мотивираат потенцијалните инвеститори да изградат нови болници.

Доколку инвеститорите изградат и медицински факултети во рамките на тие болници тогаш ослободувањето може да биде и до 15 години, рече Груевски.