Грујевски и Бошковски нема да бидат екстрадирани

Врховниот суд во Атина ја уважи жалбата на Горан Грујевски и Никола Бошковски и донесе одлука тие да не бидат екстрадирани во Македонија каде треба да сим се суди за случајот со нелегалното прислушување, јави дописникот на МИА.
Според судот, ако двајцата бидат екстрадирани во Македонија нема да им биде овозможено фер судење.

Претходно судот во Солун одлучи спротивно од Врховниот суд во Атина. Тамошниот суд пресече дека неразделниот двоец од УБК треба да биде екстрадиран во Македонија, постапка која траеше со месеци поради немањето официјален превод на македонски.

Сепак, според грчките закони, последниот збор за екстрадиција на Грујевски и Бошковски ја има грчкиот министер за правда кој со негова лична одлука може да реши дали двајцата ќе бидат екстрадирани од Грција.

Инаку против нив се водат уште две постапки пред грчките органи. Едната е за лажните бугарски пасоши со кои тие сакаа да избегаат во Будимпешта од солунскиот аеродром со измислени идентитети. Другата постапка е за барањето политички азил кои тие го поднесоа поради страв дека во Македонија нема да имаат фер судење.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.