Групата „Јавна соба“ е затворена

Групата „Јавна соба“ на мрежата „Телеграм“ од утрово не постои. Засега не е познато дали е избришана од некој од основачите или пак од самата компанија сопственик на „Телеграм“, со седиште во Велика британија,  а на барање на МВР. Полицијата успеала да идентификува еден од креаторите на групата и еден од модераторите. Станува збор за две возрасни лица од Скопје против кои засега се уште нема никаква пријава. Од МВР потврдија дека во овој случај имаат една пријава од родител чија малолетна ќерка завршила во групата.

Она што е познато е дека оваа група постоеше веќе неколку месеци. Во септември е формирана на социјалната мрежа „Инстаграм“ од каде потоа се префрла на „Вибер“ каде е блокирана за на крајот да заврши на „Телеграм“ под името „Бадијалџии“ и да прерасне во „Јавна соба“ во која со месеци се споделуваа слики и клипови со експлицитна порнографска содржина од девојки од Македонија и странство, некои и малолетни. Според МВР вкупната бројка на лица кои во некој временски период биле членови а потоа ја напуштиле е над 11.000.

Министерство за внатрешни работи, сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика, во координација со СВР Скопје изврши идентификација на сопственикот на групата „Јавна соба“ со иницијали Д. К. од Скопје и на еден од администраторите на групата со иницијали М. П. од Скопје. Во текот на истрагата преостанува да се утврдат другите лица што имале администраторски и модераторски улоги во групата, информираше вчера полицијата.

МВР најави дека во соработка со надлежниот јавен обвинител од ОЈО, ќе се направат дополнителни консултации и ќе бидат презентирани доказите со кои располагаат.  Од страна на МВР ќе бидат направени дополнителни анализи на содржината што беше споделена во групата, со цел утврдување други нелегални активности и сторители, и тоа во согласност со Кривичниот законик. Паралелно на ова, МВР во соработка со „Телеграм“ презема активности за затворање на групата и добивање други релевантни докази од интерес на истрагата. МВР апелира до членовите на групата да ја напуштат на своја иницијатива.