Грузијците протестираат пред кината поради филм за еднополова врска

25

Потести поради премиерата на грузиско-шведскиот филм „И тогаш ние танцувавме“, кој раскажува за истополова љубов, се одржуваат во петокот вечерта истовремено пред неколку кино-сали во грузиската престолнина Тбилиси, пренесуваат локалните медиуми.

Во сите кино-сали се наоѓаат членови и активисти на невладините организации „Грузиски марш“ и „Здружение за заштита на човековите права“, како и претставници на свештенството, кои се залагаат за заштита на традиционалните вредности.

Главните протести се одвиваат пред киното „Амирани“, пренесува телевизијата Imedi. Таму демонстрантите неколкупати се обиделе да го пробијат полицискиот кордон, да влезат во кино-салата и да ја спречат премиерата на филмот. Била употребувана пиротехника, а демонстрантите физички нападнале опозициски политичар, поранешен пратеник Давид Бердзенишвили, кој дошол да ги поддржи оние кои присуствувале на премиерата.

Грузиската полиција привела 11 лица поради безредијата пред киното „Амирани“, изјавил за новинарите директорот на патролната полиција при грузиското министерство за внатрешни работи, Важа Сирадзе.

„Со цел да се спречи прикажувањето на филмот во Тбилиси на булеварот Мераб Костава (во близина на киното ‘Амирани’), се случија неколку инциденти предизвикани од насобраните граѓани. Според сегашните информации, полицијата присутна во непосредна близина на киното привела 11 лица“, рекол Сирадзе.

Грузиските медиуми известуваат дека според информациите на министерството за внатрешни работи, полицијата привела уште три лица во градот Батуми, каде што во едно кино во тек била премиерата на споменатиот филм. Според извештаите, тие предизвикале тепачка и се однесувале „хулигански и со непослушност“ кон наредбите на полицијата. Премиерата во Батуми започнала во 22 часот по локално време, а пред почетокот демонстрантите фрлале со јајца врз зградата на киното.

Филмот „И тогаш ние танцувавме“ е дело на грузискиот режисер Леван Акин, снимен годинава и веќе прикажан на Канскиот филмски фестивал, а раскажува за љубовта на танчар кон својот конкурент. Предложен е за Оскар во номинацијата најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. Поборниците на традиционалните вредности се противеа на неговото прикажување и сметаат дека овој филм единствено служи на ЛГБТ-пропагандата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.