Грузискиот премиер му порача на Зеленски да не се меша во политиките на неговата земја

Грузискиот премиер Иракли Гарибашвили го обвини украинскиот претседател Володомир Зеленски дека ја подгрева тензичната политичка ситуација во Грузија, со коментарите за протестите одржани минатата седмица, што предизвика остар одговор од Киев.

Гарбивашвили и во неделата предупреди на учеството на протестите во Тбилиси на десетици активисти од Украина чијашто цел според неговата влада е да ги радикализираат протестите и да предизвикаат преврат и порача дека неговата владејачка партија Грузиска мечта нема да дозволи отворање „втор фронт“, алудирајќи на украинската војна против Русија.

Минатата седмица во Тбилиси започнаа масовни протести, кои доведоа до судири во кои безбедносните сили употребија водени топови и солзавец. Мотив за протестите беше поради намерите на грузиската влада да го претстави ткн „закон за странски агенти“, кој демонстрантите ги поистоветуваат со рускиот кој, пак, е препишан од оној кој во САД е на сила уште од 1939 година. Иако иницијаторите на предлог-законот „За транспарентност на странското влијание“, кој се однесува на јавно објавување на висината на средствата и од каде тие се добиваат во грузиските медиуми и невладини и граѓански движења, тврдеа дека е „помека“ варијанта на сличниот закон во САД и го повлекоа од процедура во парламентот откако парламентот го отфрли, опозицијата и американската амбасадорка во Тбилиси, Кели Дегнан, го негираа тоа. Според нив воведениот предлог-закон ги повторува главните одредби од руското законодавство за странски агенти. Сепак, ситуацијата во Тбилиси сѐ уште е силно тензична. Сега групи демонстранти пеејќи ја химната на Украина и веејќи украински знамиња изразуваат подготвеност „да ги вратат Абхазија и Јужна Осетија во составот на Грузија“.

Во текот на протестите, Зеленски им се заблагодари на демонстрантите во Тбилиси кои ги истакнуваа украинските знамиња, велејќи дека на тој начин искажуваат почит кон неговата земја а на Грузијците им посака „демократски успех“ што во Тбилиси е протолкувано како јасно поттикнување на преврат.

„Кога лице чијашто земја е во војна реагира на деструктивна активноста на неколку илјади собрани тука во Грузија, тоа е директен показател дека и тоа лице е вклучено и мотивирано и тука нешто да се случи, да дојде до промена. На сите би им посакал скоро завршување на оваа војна и воспоставување на мирот“, изјави Гарибашвили во интервјуто за грузиската телевизија IMEDI, емитувано во неделата, јасно алудирајќи на Зеленски.

Од друга страна, во понеделникот, портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Олех Николенко., го обвини Гарибашвили дека наводно „ја повторува руската пропаганда“ дека Киев сака да ја вовлече Грузија во судир со Русија.

„Категорично ги отфрламе таквите тврдења кои немаат никаква врска со стварноста. Грузиските власти бараат непријател на погрешно место“, објави Николенко на Facebook во понеделникот.

На украинското боиште се борат најмалку неколку стотици грузиски војници кои стапиле на служба во украинските вооружени сили или се приклучиле на ткн „Странски легион“. Некои регионални политички коментатори стравуваат од намерите на Киев да предизвика преврат во Тбилиси и ескалација на грузиско-руските односи што, како што се надеваат, би придонело за попуштање на рускиот притисок на украинското боиште.

Тбилиси има непријатно скорешно минато, откако во 2008 година изведе операција за заземање на двата автономни региони Јужна Осетија и Абхазија на границата кон Русија се обиде воено да воспостави своја контрола, при што загинаа и неколку руски мировници од корпусот распореден во регионот по конфликтот во раните 1990-ти и распадот на тогашниот СССР. Во жестокиот одговор на Москва, во петдневната операција руските единици излегоа пред грузиската престолнина Тбилиси по што се повлекоа на териториите на стратешките кавкаски региони.