Гутереш го предупреди светот дека ита кон „климатскиот пекол“

Светот има две опции: пакт за климатската солидарност или пакт за колективно самоубиство, предупреди во понеделникот генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш на климатскиот собир COP27 во Египет.

Гутереш во говорот на синајското летувалиште Шарм ел-Шејк рече дека светот опасно се приближува до точката од којашто нема враќање и која климатските промени ќе ги направи неповратни, како и дека човештвото е „на автопатот кон климатскиот пекол тргнува со ногата на педалата за гас“.

Во говорот исполнет со предупредувања, Гутереш истакна дека „добрата вест“ е дека светот има знаења, финансии и технолошки средства за борба против климатските промени кои ги предизвикува човекот, како и дека можноста сѐ уште не е пропуштена.

„Она што е потребно во клучната деценија, во којашто битката со климатските промени ќе биде добиена или загубена, се повеќе заедништво и меѓународна солидарност“, истакна Гутереш.

Челникот на ОН реле дека светот е соочен со многу кризи, но дека климатската криза поради тоа не смее да биде турната во втор план, особено бидејќи голем дел од моменталните судири е поврзан со „климатскиот хаос“.

„Војната во Украина ја разоткри големата опасност од нашата зависност од фосилните горива“, истакна Гутереш.

Поради тоа, Португалецот во Шарм ел-Шејк, каде што пристигнаа повеќе од 120 светски челници, повика на „историски“ пакт меѓу развиените и економиите во развој.

„Или ќе има пакт за климатската солидарност или, пак, оној за колективно самоубиство“, драматично се обрати Гутереш.

Предложениот пакт за климатската безбедност би се состоел од дополнителни обврски на државите кон редукцијата на емисиите на штетните гасови, како и забрзување на енергетските транзиции на земјите во развој преку помошта од богатите нации и меѓународните финансиски институции.

Гутереш повика на прекинување на зависноста од фосилните горива и градењето централи на јаглен во земјите на OECD до 2030 година, а во остатокот од светот од 2040 година.

Ги издвои двете најголеми светски економии, САД и Кина, како земји со „особена одговорност“ пој пакт да биде остварен.

Кинескиот претседател Кси Џинпинг нема да допатува во Египет, додека американскиот претседател Џо Бајден ќе пристигне по изборите за Конгресот кои се одржуваат во вторник и на кои контролата над двата дома на американскиот парламент би можеле да ја преземат републиканците кои и научно ги проблематизираат меѓународните климатски акции.

Светот се надева дека двајцата челниците ќе се сретнат на маргините на самитот на Г20 кој ќе се одржи на индонезискиот остров Бали и од таму ќе испратат позитивен сигнал до собирот во Египет кој завршува неколку дена подоцна.

Гутереш истакна дека треба да биде вратена довербата меѓу земјите од северот и југот, а дека водството во климатските акции треба да ја преземат токму државите од Г20.

Генералниот секретар на ОН рече и дека светот мора да ја сфати „суровата вистина“ дека последиците од климатските промени веќе се тука, па повика прашањето на механизмот за „загубите и штетите“, за кои ќе се дискутира на годинешниот судир, повеќе не биде „ставано под тепихот“, бидејќи тоа е „морален императив“.

Станува збор за посебен фонд чијашто цел би била да им помага на државите за справување со последиците од климатските промени, на „оние кои најмалку придонеле за тоа“.

Гутереш во својот говор повика и на создавање универзални системи за рани предупредувања на климатските катастрофи во текот на пет години, како и на оданочување на екстрапрофитите на нафтените компании за тие пари да се пренасочат во климатските акции.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.