Гутереш: ОН треба да се воздржи од политиката на двојни стандарди

Земјите-членки на Советот за безбедност на Обединети нации треба да се воздржат од двојни стандарди и да не ги напуштаат основните принципи на светската организација при решавање на судирите, изјави синоќа генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

– Додека одбележуваме 75 години на ОН сакам да упатам посебна порака до СБ. Привилегијата на членството носи витални одговорности за одржување на начелата и вредностите на Повелбата, посебно во спречувањето и решавањето на судирите, посочи Гутереш на отворената дебата во СБ на ОН за почитување на Повелбата на ОН.

Тој додаде дека „актуелните и несогласувањата од минатото не смеат да бидат препрека за акција против денешните закани“.

– Мораме да ги избегнуваме двојните стандарди. Но, перцепцијата за двојните стандарди не смее да биде изговор за немање на стандарди воопшто, истакна Гутереш.

Тој додаде дека „војната никогаш не е неизбежна, тоа е работа на избор и тоа често производ на лесни и погрешни пресметки“.

– Мирот, исто така, никогаш не е неизбежен. Тоа е производ на напорна работа и никогаш не смееме да го земаме здраво за готово, потенцира Гутереш.