Гутереш: Пандемијата ја покажа ранливоста на светот, меѓународната соработка е клучна

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш на отворањето на сесијата по повод 75-годишнината од ОН, порача дека само поблиската и поефикасна соработка може да ги реши бројните предизвици со кои се соочува светот во денешницата.

Гутереш додаде дека геополитичките тензии ескалирале од основањето на ОН и дека нуклеарното оружје станало голема опасност.

Според него, најновите настани, а особено пандемијата на корона вирусот, ја покажале целата ранливост на светот, поради што земјите мора да се обединат за заедно да ги решат проблемите.

-Меѓународната соработка е клучна за соочување со реалноста. Солидарноста е уште попотребна – рече Гутереш.

Зборувајќи за основањето на ОН, Гутереш порача дека требало да се случат две светски војни и милиони жртви со цел светските лидери да се договорат за соработка и владеење на правото, што донело резултати.

-Пред нас се многу предизвици, како што се климатските промени, зголемениот глад низ целиот свет, но и зголемената омраза – заклучи Гутереш.