Гутереш: Пандемијата на Ковид-19 е закана и по светскиот мир

Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш предупреди дека пандемијата на Ковид-19 ги зголеми ризиците по мирот во светот.

– Пандемијата претставува голема закана од конфликт и затоа апелирам за глобален прекин на огнот, изјави Гутереш по повод 39 годишнината од Меѓународниот ден на мирот што секоја година се одбележува на 21 септември.

Тој додаде дека мирот е „стремеж што е толку силен, колку и нашето убедување, но и толку траен колку и нашата надеж”.

– Градењето на мирни и стабилни општества може да трае со децении, дури и со векови. Но, мирот може да биде нарушен од несовесни и разединувачки политики. Надвор од воените зони, пандемијата ги потенцира и експлоатира нееднаквостите од секаков вид, насочувајќи ги општествата и државите едни против други, наведе Гутереш.

Тој повика да се интензивираат напори за „да се донесе мир секаде каде има конфликти и каде има дипломатски капацитет за замолчување на оружјето”.