Гутереш по средбата со Зеленски: На илјадници цивили им е неопходна помош

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш побара да се отворат коридори за евакуација во украинскиот град Мариупол, велејќи дека опколениот град е „криза во криза“.

„Денес жителите на Мариупол имаат очајна потреба од таков пристап. Мариупол е криза во криза“, рече Гутереш во Киев, говорејќи на прес-конференција заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„На илјадници цивили им е потребна помош за да си ги спасат животите. Многумина се постари имаат потреба од медицинска нега или имаат ограничена подвижност, им треба пат за бегство од апокалипсата“, додаде тој.

Шефот на ОН се состана со Зеленски и со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба по посетата на Москва, каде што во вторникот се сретна со рускиот претседател Владимир Путин.

Гутереш ја наведе и средбата со Путин и рече дека рускиот претседател „во принцип“ се согласил за вклучување на Обединетите нации и меѓународниот комитет за Црвениот крст во евакуацијата на цивилите од фабриката за челик Азовстал во Мариупол.

Тој додаде дека имал „интензивни разговори“ со Зеленски за евакуацијата од Мариупол да стане реалност.

Во пораката до украинскиот народ, Гутереш рече дека сака да знаат дека „светот ве гледа, ве слуша и е со почит за вашата издржливост и решителност“.

„Исто така знам дека зборовите на солидарност не се доволни. Тука сум за да ги намалам потребите на терен и да ги зголемам операциите“, продолжи тој.

Тој рече дека Советот за безбедност на ОН „не успеал да направи сѐ што е во негова моќ за да стави крај на оваа војна“ и дека неуспехот е „извор на големо разочарување, фрустрација и гнев“.