Гутереш подготвен да посредува на евентуален мировен самит за Украина

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш е подготвен да посредува кога станува збор за одржување мировен самит за Украина, но само со согласност на сите страни, вклучително и Русија, изјавија од кабинетот на Гутереш.

По повод иницијативата на Киев за одржување на самит за Украина, чиј посредник би бил Гутереш, во кабинетот на генералниот секретар било кажано дека може да посредува само доколку сите страни сакаат да бидат посредници.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба вчера изјави дека неговата земја сака да учествува на самит за завршување на војната, но дека не очекува Русија да учествува на тој собир.

Кулеба изјави дека неговата влада сака да се одржи „мировен“ самит во следните два месеци, чиј посредник би бил генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.

Тој рече дека пред директните разговори на неговата земја со Москва, Русија мора да се соочи со Трибуналот за воени злосторства и додаде дека, сепак, другите земји имаат целосна слобода да разговараат со Русите, како што беше случајот кога беше постигнат договор за извоз на жито меѓу Турција и Русија.

Кулеба, исто така, изјави дека е „апсолутно задоволен“ од резултатите од минатонеделната посета на претседателот Володимир Зеленски на САД и откри дека американската влада направила посебен план ракетниот систем „Патриот“ да биде подготвен да стане оперативен во таа земја за помалку од шест месеци. Обуката обично трае до една година, според Гласот на Америка.

– Секоја војна завршува преку дипломатија, изјави Кулеба во интервјуто за АП, додавајќи дека секоја војна завршува како резултат на акциите преземени на бојното поле и на преговарачката маса, пренесува Гласот на Америка.

Кулеба рече дека украинската влада би сакала мировниот самит да се одржи до крајот на февруари.

– Обединетите нации би биле најдоброто место за одржување на тој самит, бидејќи не станува збор за услуга за која и да е земја. Поентата е сите да бидат заинтересирани да учествуваат, рече шефот на украинската дипломатија.