Гутереш потврди дека Сирија отвора уште два премина за помош од ОН

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ја потврди информацијата од Дамаск, дека сирискиот претседател Башар ал-Асад наложил отворање на два гранични премина кон Турција, за помош од ОН која е наменета за одредени северозападни области на Сирија коишто сѐ уште се под контрола на бунтовниците кои ги поддржува Западот а на кои помош им упати и сириската влада.

Претходно владата на Сирија објави дека во најскоро време ќе бидат отворени граничните премини Баб ал-Салам и ал-Раи, а тоа го потврди и Гутереш откако потсекретарот на ОН за хуманитарна помош Мартин Грифитс се сретна со сирискиот претседател ал-Асад во понеделникот во Дамаск. Грифитс го информираше Советот за безбедност на ОН за одлуката на Асад на состанок зад затворени врати, пренесуваат западните медиуми повикувајќи се на дипломатски извори

Турција и Сирија беа погодени од разорен земјотрес минатата седмица во кој загинаа повеќе од 37.000 луѓе, а договорот на Асад значи дека Обединетите нации сега можат да користат вкупно три гранични премини од Турција за да доставуваат помош до зафатената од војна северозападна Сирија.

Обединетите нации веќе го користат преминот Баб алХава од 2014 година за да достават помош до милиони луѓе во северозападна Сирија.

„Отворањето на овие премини, освен што ќе ја олесни испораката на хуманитарна помош, ќе го забрза издавањето визи и ќе го олесни патувањето меѓу местата, ќе овозможи и побрза испорака на поголеми количини на помош“, рече Гутереш, откако светската организација којашто ја води доживеа жестоки критики поради колебањето да испрати помош во Сирија којашто е под санкции.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.