Гувернер на Харков: Во руско гранатирање убиени се 15 лица, а 16 се повредени

Петнаесет лица, меѓу кои и осумгодишно дете, загинаа во руско гранатирање во регионот Харков (североисточна Украина), изјави синоќа Олег Синегубов, гувернер на регионот.

– Петнаесет луѓе загинаа, а 16 се повредени. Ова се ужасни последици од руското гранатирање сред бел ден во областа Харков, соопшти Синегубов, додавајќи дека овие лица биле жртви на четири одделни бомбардирања.

Тој прецизираше дека во гранатирањето на Шугив, град на околу 30 километри југоисточно од Харков, загинале шест лица, а четворица биле ранети, во Харков се петмина убиени и 11 ранети, во предградие е убиено дете, чија мајка е повредена и во Золочив се убиени три лица.

– Ова е тероризам. Тоа се злосторства против човештвото кои мора да бидат казнети, побара гувернерот.

Многу жители на регионот Харков, кој се граничи со Русија, побегнаа на почетокот на инвазијата, а потоа почнаа да се враќаат во своите домови откако беа спречени обидите на руските сили да заземат друг украински град.

Харков, кој се наоѓа на 50 километри од руската граница, претрпе силно бомбардирање на почетокот на инвазијата, но украинските сили ја вратија контролата по борбите кои предизвикаа големи разурнувања.

Оттогаш, руската војска ги насочи своите напори во регионот Донбас, кој ги опфаќа регионите Доњецк и Луганск југоисточно од Харков.