Гувернерот на Калифорнија го одби условото ослободување на убиецот на Роберт Кенеди

Гевин Њусом, гувернер на американската сојузна држава Калифорнија, го одби барањето на Серхан Серхан, убиецот на Роберт Кенеди, да биде условно ослободен иако за тоа добил одобрение летото од специјалната комисија.

Гувернерот Њусом оцени дека сега 77-годишниот затвореник и натаму претставува „закана за јавната безбедност“, како и дека не сака да ја „преземе одговорноста во тоа злосторство“, се наведува во изјавата од неговиот кабинет.

Палестинецот антиционистички активист Серхан Бишара Серхан беше прогласен на 17-ти април 1969 година за убиството на њујоршкиот сенатор Роберт Кенеди, братот на претходно убиениот во Далас американски претседател Џон Фицџералд Кенеди. Серхан беше осуден на смрт, но во 1972 година казната му беше преиначена во доживотен затвор, благодарејќи на кусотрајното укинување на смртната казна во Калифорнија.

Во август 2021 година калифорниската комисија за условно ослободување на крајот го одобри пуштањето на слобода на Серхан, откако претходно петнаесет пати го одбиваше. Одлуката потоа се испраќа до гувернерот кој може да ја одбие или да ја измени.

„Убиството на Серхан на сенаторот Кенеди е меѓу најпознатите злосторства во американската историја. По децениите минати во затвор тој сѐ уште не ги исправил недостатоците коишто го навеле на убиството на сенаторот Кенеди. Серхан не е доволно присебен за повторно да не ја донесе истата опасна одлука“, напиша гувернерот Њусом во писмената изјава.

Палестинскиот доселеник Серхан го уби сенаторот Роберт „Боби“ Кенеди во хотелот „Ambassador“ во Лос Анџелес додека ја водеше кампањата за добивање номинација за претседателски кандидат на Демократската партија. Притоа беа ранети уште пет лица.

Серхан тогаш својот чин го правдаше со поддршката на сенаторот Кенеди на продажбата на воени авиони на Израел. Во претходно барање за условно ослободување поднесено во 2016 година, Серхан наведе дека таа вечер испил премногу алкохол и дека би сакал „ништо да не се случеше“. Покрај тоа, посочи дека на признавање на злосторството во текот на судењето го навел неговиот адвокат кој лошо го советувал и ги убедил дека е виновен.