Хакирани се европски институции, тврди Microsoft

Компанијата Microsoft во средата објави дека наводно открила хакирања на „демократски институции, тинк-тенкови и непрофитни организации“ во Европа и планира да понуди услуги од кибернетичка безбедност на неколку земји за да ги спречат хакерските напади.

Наводните напади се случиле во периодот меѓу септември и декември минатата 2018 година, а целите биле, меѓу дригите, и вработени во германскиот Совет за надворешни односи и европските канцеларии на Аспен Институтот и на германскиот Маршалов фонд, објави Microsoft на својот компаниски блог.

Од компанијата истакнуваат дека активносите ги забележале преку компанискиот центар за безбедносни закани и единицата за дигитален криминал, а цели биле корисничките сметки на 104 вработени во Белгија, Франција, Германија, Полска, Романија и Србија.

Истакнуваат дека за повеќето напади се одговорни хакерите од групата којашто се нарекува Strontium, а којашто Microsoft ја обвинува за соработка со руската влада. Тврди дека Strontium е една од најстарите хакерски шпионски групи на светот и дека, исто така, наводно била позната и по имињата APT28, Fancy Bear, Sofancy и Pawn Storm. Американската безбедносна компанија CrowdStrike, пак, тврди дека оваа група „веројатно“ е поврзана со руската воена разузнавачка агенција ГРУ.

Од Microsoft велат дека ќе ја унапредат својата услуга Account Guard на 12 нови пазари во Европа, вклучително и Германија, Франција и Шпанија, за на корисниците да им помогнат да ги обезбедат своите сметки. Услугата Account Guard веќе е достапна во Шведска, Данска, Холандија, Финска, Естонија, Литванија, Латвија, Португалија и Словачка.

Во пресрет на извонредно важните избори за Европскиот парламент во мај, германските функционери се обидуваат да ја зајакнат својата кибернетичка безбедност откако се случи големо пробивање на податоци за што е одговорен 20-годишен студент, притоа покажувајќи ја ранливоста на најголемата економија во Европа.