Поранешната најдобра тенисерка на светот и двократна Грен слем победничка, 31-годишната Романка Симона Халеп е суспендирана до октомври 2026 година поради две засебни кршења на антидопинг правилата, објави во вторникот Меѓународната агенција за тениски интегритет (ITIA).
Поранешната победничка на Вимблдон и Ролан Гарос привремено е суспендирана од октомври 2022 година, откако беше позитивна на забранетиот засилувач на крвта „roxadustat“ на УС Опен минатата година. Потоа во мај годинава откриени се неправилноста во нејзиниот биолошки пасош.
„Првото обвинение се однесуваше на неповолниот аналитички наод (AAF) за забранетата материја роксадустат на УС Опен 2022-ра, спроведено со редовно тестирање на урината во текот на натпреварувањто“, стои во соопштението ITA.
Халеп категорично негираше дека свесно замала забранета супстанца и рече дека има докази коишто покажуваат дека мали количества од лек за анемија влегле во нејзиниот систем од лиценциран суплемент кој бил контаминиран.
Во ITIA го прифатија нејзиниот аргумент дека земала контаминиран додаток, но и утврдиле дека количеството коешто тенисерката го проголтала не можело да резултира со концентрацијата најдена во позитивниот примерок.
„Второто обвинение се однесуваше на неправилности во нејзиниот биолошки пасош“, додаваат од ITIA порачувајќи дека до својот заклучок дошле врз основа на собирањата и анализата на 51 примерок од крвта коишто ги доставила Халеп.
Романската тенисерка најави жалба до Спортскиот арбитражниот суд (CAS) отфрлајќи да ја прифати казна.
„Продолжувам да тренирам и правам сѐ што е во мојата моќ да го исчистам своето име од овие лажни обвинувања и да се вратам на судот. Имам намера да се жалам на оваа одлука пред Спортскиот арбитражен суд и да ги покренам сите правни лекови против оваа суспензија“, вели Халеп во изјавата за Reuters.
Симона Халеп беше водечка тенисерка на светот вкупно 64 седмици, во периодот меѓу 2017 и 2019 година. Во кариерата освои 24 турнири, а притоа Ролан Гарос во 2018 и Вимблдон една година подоцна.