Палестинското борбено движење Хамас синоќа соопшти дека прифаќа хуманитарно мирување во траење од 72 часа кое стапува на сила денеска во 8 часот по локално време, изјави за агенцијата АФП, портпаролот на Хамас во појасот Газа.
„Хамас и сите палестински движења на отпор го прифатија хуманитарниот прекин на огнот од 72 часа кој почнува денеска. Ние ќе го почитуваме примирјето, доколку и другата страна го почитува“, рече портпаролот Фавзи Бархум.
Израел за време на примирјето ќе продолжи со својата „дефанзивна“ операција, рече државниот секретар на САД Џон Кери кој го договори примирјето.
Кери рече дека во текот на примирјето од 72 часа, жителите на Газа ќе ја добијат итно потребната хуманитарна помош, ранетите ќе бидат згрижени, а мртвите погребани. Жителите ќе бидат снабдени со храна, а ќе се извршат и потребните поправки на водоводната и електро мрежата.
Кери додаде дека примирјето е постигнато со помош на генералниот сектретар на Обединетите Нации, Бан Ки Мун кој е вклучен во барање на решение за конфликтот меѓу Израел и Хамас во кој само минатата недела загинале 1.359 палестинци и 60 израелци.