Хамбург ги отфрли плановите за планираниот германски LNG терминал

Градот Хамбург ги одби плановите во овој северен пристанишен град да биде сместен еден од четирите големи терминали за течен природен гас (LNG) кои Германија планира да ги изгради во рамките на своите настојувања да ја прекине својата голема зависност од гасот од Русија.

Сенатот на Хамбург ги отфрлил плановите откако стручњаците идентификувале неколку проблеми со предложената локација, објави во петокот портпаролот на одделот за заштита на природната средина.

Конкретно, проектот е компликуван со постоењето на потребата за проширување на пловните патишта, како и од ризикот од редовното затворање на пловните канали што терминалот би ги носел со себе.

Големи количества тиња би морало да бидат ископани на планираната локација за пловните LNG платформи, покрај напуштените централи на јаглен на јужниот крај на Хамбург, извести телевизискиот канал NDR.

Сојузната влада во Берлин одбила да помогне во финансирање на овој дел од проектот.

Покрај тоа, ракавец од реката Лаба, кој води до предвидената локација би морал да биде затворан секогаш при истоварувањето на течниот гас.

Сенатот на Хамбург, наводно, се согласил во договор со сојузното министерство за економија да ја разгледа можноста за сместување на помал пловен LNG терминал.

„Поради значително помалите димензии, многу предизвици би биле помали отколку што тоа би било случајот со големиот LNG терминал“, објави агенцијата за заштита на природната средина на Хамбург.