Хамилтон победи и во Португалија и го престигна Шумахер

Триесет и петгодишниот британски возач на тимот на Мерцедес во класата Формула 1, Луис Хамилтон, со победата во неделата на трката за Големата награда на Португалија во Портимане, која е негов 92-ри триумф во кариерата, го престигна легендарниот Германец Михаел Шумахер на листата според бројот победи на сите времиња.

Хамилтон се израмни со Шумахер со по 91 победа на минатата трка во германски Нурбургринг, а во Португалија славеше пред тимскиот колега Финецот Валтери Ботас и Холанѓанецот Макс Верстапен од тимот на Ред Бул.

Покрај рекордот, Хамилтон е и пред освојување на седмата титула во Светското провенство во Формула 1 во низа, бидејќи на патеката „Алгарве“ го извози и најбрзиот круг, па сега има огромни 77 бодови предност пред Ботас во генералниот пласман.

Со победата во Португалија, Хамилтон додаде уште една земја на својата глобална мапа на доминација, бидејќи претходно победи во повеќе земји од кој и да е друг пилот во историјата на овој спорт. Така Португалија, којашто денеска беше домаќин на трка во Формула 1 првпат по 24 години, беше 24-та земја во низата на Хамилтон.

Бидејќи Хамилтон сѐ уште не планира да ја прекине кариерата, следната година би можел да победи и во Виетнам и во Холандија, каде што Формула 1 се враќа по 1985 година, како и во Саудиска Арабија, којашто, исто така, првпат би можела да се најде во календарот.

Хамилтон води во генералниот пласман со 256 бодови, втор е Ботас со 179 а на третото место е Верстапен со 162 бодови.

ВОЗАЧИ СО НАЈМНОГУ ПОБЕДИ ВО Ф1:

1. Луис Хамилтон (Велика Британија) * 92 (2007-)
2. Михаел Шумахер (Германија) 91 (1991-2012)
3. Себастијан Фетел (Германија) * 53 (2007-)
4. Ален Прост (Франција) 51 (1980-1993)
5. Аиртон Сена (Бразил) 41 (1984-1994)
6. Фернандо Алонсо (Шпанија) 32 (2001-2018)
7. Најџел Менсел (Велика Британија) 31 (1980-1995)
8. Џеки Стјуарт (Велика Британија) 27 (1965-1973)
9. Ники Лауда (Австрија) 25 (1971-1985)
10. Џими Кларк (Велика Британија) 25 (1960-1968)
11. Хуан Мануел Фанџо (Аргентина) 24 (1950-1958)