Хамилтон се заканува со напуштање на Формула 1

Петкратниот светски шампион, Британецот Луис Хамилтон, се закани во петокот дека ќе ја напушти Формула 1, доколку организаторите продолжат да додаваат нови натпревари кон и онака многу оптоварениот календар.

Хамилтон ја обезбеди петтата титула по освоеното четврто место на Големата награда на Мексико, која беше 19-та трка во текот на сезоната. Бразил и Обединетите Арапски Емирати се последните две натпреварувања за сезонава, а последната е на 25-ти ноември.

Сезонатата во 2019 година, исто така, ќе има 21 трка од средината на март до почетокот на декември, а сопствениците на „Либерти Медија“ имаат намера да додадат повеќе трки. Во 2020 година првпат ќе се вози трка во Виетнам и се шпекулира со друга американска трка во Мајами.

Хамилтон, сепак, не е фан на овие идеи и навести дека би можел да го напушти спортот ако календарот продолжи да се зголемува.

„Нема да бидам тука ако се стигне до 25 трки, тоа е сигурно. Веќе се чувствува како да сме на 25-та трка оваа година, па не мислам дека тоа е добра работа. Мислам дека најдобро беше кога имаше 18 трки. Јас сум човек кој навистина сака да се натпреварува, но сезоната е долга. Тоа е голем ангажман за сите нас и многу време далеку од нашите семејства, а сезоните стануваат подолги и одморот станува помал“, рече Британецот во Бразил.