Хан го поздрави договорот меѓу политичките партии во БиХ за формирање Совет на министри

Европскиот комесар за надворешна политика и проширување Јоханес Хан го поздрави договорот на лидерите на СДА, СНСД и ХДЗ за формирање на Совет на министри на БиХ.

На својот профил на Твитер тој изрази поддршка за договорот на лидерите на политичките партии за формирање на Советот.

„Тоа е важен чекор за земјата и нејзините граѓани и клучен чекор за напредок во процесот на интеграција во ЕУ“, напиша Хан.

По девет месеци постигнат беше договор во рок од 30 дена да се формира Совет на министри на Босна и Херцеговина.

На синоќешниот состанок во Сараево во организација на Мисијата на ЕУ во БиХ, лидерите на политичките партии во таа земја постигнаа договор за формирање Совет на министри и потпишаа Принципи за формирање власт на ниво на држава.

Во договорот има 12 принципи, меѓу кои рамка за понатамошна соработка со НАТО, деблокирање на работата на Парламентарното собрание на БиХ и формирање нов состав на Советот на министри во следните 30 дена. Во третата точка е договорено БиХ да го продолжи патот кон НАТО, без прејудицирање на идните одлуки во врска со членството. Нагласено е дека за прашањето за НАТО ќе продолжи соработката и продлабочувањето на односите со Алијансата со почитување на Уставот и претходните одлуки на Претседателството и Советот на министри.