Хан: Предвремени избори до април 2016-та

Еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан денеска по средбата со партиските лидери во резиденцијата на Делегацијата на ЕУ во Скопје изјави дека на пат е постигнување договор за решавање на политичката криза во земјава и најави нова средба за следната недела во Брисел, пренесува МИА.

-Имавме интензивни и конструктивни преговори. Евроатланската агенда е важна и приоритет за сите. Важно е да се реши кризата за да се задржи препораката од ЕУ. Договоривме до крајот на април идната година да се одржат предвремени избори, но важно е земјата претходно да се подготви во смисла на изборниот законик и ревизија на избирачкиот список, како и да се задржи понатамошното спроведување на сите препораки на ЕУ. Беше договорено да се примени методологија која вообичаено ја користиме за преговори за поглавјата 23 и 24, а се работи за владеење на правото, независност на судството, слобода на медиумите. Сето ова ќе придонесе државата да се модернизира, истакна Хан.

Тој додаде дека на средбата имало конструктивна клима посочувајќи дека конечен договор ќе биде постигнат на средбата која за идната недела е закажана во Брисел.

– Ќе се видиме уште еднаш следната недела во Брисел за да го постигнеме конечниот договор што ќе и овозможи на земјата да оди напред и да ја искористи актуелната криза за модернизација, изјави Хан.

Очекува од политичките партии фер и сериозен натпревар, зајакнување на политичката култура која ќе ги следи европските стандарди. На оваа ситуација во земјата, според еврокомесарот Хан, треба да се гледа и како на шанса и можност.

Средбата започна утрово околу 9 часот, а на истата присуствуваа лидерите на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи, евроабасадорот во Македонија Аиво Орав, а подоцна се приклучи и американскиот амбасадор Џес Бејли.

фото:МИА