Хаос на протест во Холандија против бегалците од Авганистан

Синоќа во Холандија беше одржан протест против бегалците од Авганистан. Протестот во еден момент станал хаотичен и полицијата морала да го растури со сила, јавува Би-би-си. Локалните медиуми јавуваат дека околу 250 демонстранти се собрале пред приемен центар на касарна во Харскамп, село источно од Утрехт.

Протестот почнал мирно, но тензиите пораснале откако демонстрантите ги одбиле повиците на полицијата да заминат. Дел од демонстрантите пееле националистички песни и палеле гуми пред касарната. Полицијата ги разбркала демонстрантите, но никој не е уапсен.

-Околу 800 бегалци од Авганистан треба да бидат сместени во воената база во Харскамп, наведува Би-би-си.

Првите Авганистанци пристигнале синоќа. Воената база е една од четирите во Холандија во кои ќе бидат сместени бегалци од Авганистан.