Хаос на Зелен пазар пред полицискиот час – гужви, покачени цени, тепачки и расправии

Редици луѓе, покачени цени, нервозни граѓани- ова е денеска сликата на градските пазари во Скопје. Откако владата во среда навечер објави дека во четврток во 21 часот започнува поициски час во Скопје, кој завршува во понеделник во 5 часот наутро, се направи тотален хаос по пазарите и маркетите.

„Во 6 часот утрово кога дојдовме да ја отвориме тезгата, редици луѓе чекаа пред капија. Откако отворивме е гужва, не можат луѓе да се разминат, нервозни се викаат, се расправаат, па дури и сме сведоци на неколку тепачки“, вели еден од продавачите на Зелен пазар во Скопје.

Граѓаните нервозни што се принудени да одат да набават се што им е потребно за наредните три дена.

„Ова веќе не се трпи. Седи дома излези, пензионери дома, па не дома, ајде пак дома. Ќе дојде некој празник и ајде дома затворени, тепачки пред празник по пазар, цени кренати до плафон. Пред три дена купував спанаќ на пазаров тука го платив 40 денари. Денеска доаѓам да земам 60 денари. Да не зборувам за цените за овошје. Што прави Владава со мерките? Им дава шанса на пазарџиите да профитираат, не воведува во ризик сите да се испоразболиме. Не можам да се разминам. Какво растојание“, какви превентиви – вели повозрасен скопјанец кого го затекнавме на Зелен пазар.

Кавги, нервозни граѓани, нервозни продавачи.

„Прво бев сведок на тепачка меѓу маж и жена кои буквално фрлаа еден кон друг со што стигнат. Потоа еден од продавачите пред капијата на пазарот се степа со купувач. Ова никаде не не води“, вели продавачка од околните дуќанчиња кај Зелениот пазар.

Нервозни се и станарите од околните згради. Булеварот Кочо Рацин кој поминува покрај зелениот пазар е блокиран од автомобили. Нервозните возачи свират со сирени,се караат за паркинг место, станарите не можат од дома да излезат.

„20 минути со мало дете во автомобил чекам да излезам од паркинг. Ова е невиден хаос. Ова не личи на превентивни мерки, туку на контрапревентивни“, револтирано коментира жител од околните згради.