Харадинај го поздрави договорот Косово – Србија за железнички и патен сообраќај

Поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај го поздрави денешното потпишување во Минхен на писмото за намери за обновување на железничкиот и патниот сообраќај меѓу Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Преку објава на Твитер, Харадинај порача дека сега е време за „големото финале“, односно конечниот договор меѓу Косово и Србија, со меѓусебно признавање на двете држави.

Тој посебно ја нагласи улогата на американскиот претседател Доналд Трамп и на неговиот специјален пратеник, амбасадорот во Германија, Ричард Гренел во водењето и олеснувањето на дијалогот Приштина – Белград.

– Им ракоплескам на визијата и лидерството на Ричард Гренел и на американскиот претседател за водењето и ефикасното олеснување на нормализирањето и функционализацијата на железниците и автопатиштата што ги поврзуваат Косово и Србија. Сега е потребно големото финале, меѓусебното признавање, како што потенцира и американскиот претседател во двете писма од минатата година, напиша Харадинај.

Писмото за намери за обнова на железничкиот и патниот сообраќај меѓу Косово и Србија е потпишано утрово од претставници на надлежните институции на двете земји. На потпишувањето, покрај амбасадорот Гренел, присуствуваа и претседателите на двете држави, Хашим Тачи и Александар Вучиќ.

Претходно, минатиот месец, во Берлин беше потпишано писмо за намери за обновување на воздушниот сообраќај меѓу Приштина и Белград.