Харадинај: Прекројувањето на границите и размената на територии е повик за нови трагедии

Секакво прекројување на границите и размени на територии е повик за нови трагедии на Балканот, изјави во саботата во Дубровник, косовскиот премиер Рамуш Харадинај во миговите кога се актуелизира темата за размена на територии меѓу Србија и нејзината поранешна јужна покраина Косово која во 2008 година со поддршка на Западот еднострано прогласи независност,

„Секое прекројување на границите и размена на територии претставува повик за нови трагедии на Балканот и би можело да предивика нестабилноста и да ги поткопа долгорочните политички и безбедносни вложувања во мирот на Косово и во регионот“, изјави косовскиот премиер Рамуш Харадинај.

Официјален Белград како и Приштина водат дијалог за нормализација на односите под покровителство на Европската унија, а од неодамна во рамките на овие преговори актуелна тема стана размената на териториите со мнозинско српско односно албанско население. Меѓутоа, многумина во Европа стравуваат дека тоа би можело да ја отвори Пандорината кутија, со барање и од други земји на Балканот за промени на границите.

Германската канцеларка Ангела Меркел е меѓу оние кои не ги поддржуваат промените на границите, но официјален Вашингтон кој е најголемиот спонзор на косовската независност порача дека САД „нема да застанат на патот“ на ваков вид договор и заемно прифатливо решение за двете страни „доколку успеат за тоа да се договорат“.