Харден МВП на НБА лигата, Симонс дебитант на годината

Бекот на „Хјустон Рокетс“, Џејмс Харден е прогласен за најкорисен играч во НБА лигата.
Најпопуларната „брада“ во НБА го предводеше тимот од Тексас до првото место во регуларниот дел од сезоната. Харден ја освои титулата во конкуренција со Леброн Џејмс од „Кливленд“ и Ентони Дејвис од „Њу Орлеанс“.
Ова е прва титула МВП на лигата за Харден, кој ја заврши сезоната со просек од 29,5 поени, 5,3 скока и 7,7 асистенции, но старо-новиот шампион „Голден Стејт“ го запре „Хјустон“ во финалето на Западната конференција.

Еден од најдобрите играчи на денешницата на сцената беше придружуван од својата мајка, на која и се заблагодари за сето она што го сторила за него и му ја следи кариерата.

Во последните четири години тропав на оваа врата. И конечно сум тука. Тоа ми значи многу, се обидувам секоја година да бидам се подобар и подобар. Но нема сега да запрам. Пред мене е долг пат. Искрено, не знаев дека ќе го добијам прознанието. Мислам дека требаше да ја освојам наградата и лани, не гледам во што е разликата меѓу оваа и минатата сезона, изјави Харден.

Во исклучително силената конкуренција наградата за дебитант на годината му припадна на Бен Симонс од „Филаделфија“, кој беше драфтуван во 2016 година, но ја прескокна првата сезона во најсилната лига во светот поради сериозна повреда. Зад него, според многумина незаслужено, останаа Донован Мичел од „Јута“, како и Џејсон Тајтум од „Бостон“.

Најдобриот тренер е Девејн Кејси, кој, и покрај историскиот резултат на „Торонто“ во регуларниот дел од сезоната мораше да го напушти клубот од Канада по елиминацијата во вториот круг од плејофот од „Кливленд“. Кејси неодамна седна на клупата на „Детроит Пистонс“.
За најдобар шести играч на лигата е избран Лу Вилијамс од „Лос Анџелес Клиперс“, Виктор Оладипо од „Индијана“ ја освои наградата за играч кој најмногу напредувал, додека центарот на „Јута“, Руди Гобер е најдобриот дефанзивец.