Хари и Меган нема да го користат зборот „кралски“ за својот бренд

Принцот Хари и неговата сопруга Меган нема да го користат зборот „кралски“ (ројал) во иднина.

Портпаролот на војводата и војвотката од Сасекс изјави дека со оглед на специфичните правила на Владата на Велика Британија околу користењето на зборот „кралски“, брачната двојка се согласила дека во името на нивната непрофитна организацијата нема да се содржат зборовите „Сасекс Ројал“.

Двојката веќе го повлекла и барањето за да го регистрираат ова како свој бренд.

„Војводата и војвотката од Сасекс немаат намера да го користат брендот ‘Сасекс Ројал’ од пролетта 2020 година““,

рече портпаролот.

Покрај брендот, Хари и Меган од пролетта нема да ги имаат ниту титулите.

Тие на почетокот на годинава објавија дека ќе се повлечат од кралските должности и ќе работат на тоа да бидат финансиски независни, продолжувајќи да ја поддржуваат кралицата. Двајцата посочија дека одлуката ја донеле по многу месеци размислување и интерни разговори.

По ваквата нивна одлука следуваа преговори и состаноци со останатото кралско семејство и кралицата Елизабета Втора, по што се постигна договор па од Бекингемската палата соопштија дека принцот Хари и Меган повеќе нема да ги користат титулите „високо кралско височество“ и нема да добиваат државни пари како досега за нивните кралски должности. Уште тогаш беше најавено дека овие правила стапуваат на сила пролетта 2020.

Покрај тоа, Хари и Меган, на нивно барање, ќе ги вратат и парите кои ги добија за реновирање на нивната куќа која сепак, ќе остане нивен дом. Станува збор за сума од 2,4 милиони фунти (3,1 милион долари).

Во соопштението од Бекингемската палата беше наведено и дека двојката повеќе нема да може официјално да ја претставува кралицата, но двајцата јасно ставиле до знаење дека нивните идни активности ќе бидат во духот на вредностите на Нејзиното височество.

Покрај ова соопштение, тогаш за првпат се објави и изјава на кралицата Елизабета Втора во која таа рече дека е задоволна што на конструктивен начин успеале да се договорат за патот по кој ќе продолжи нејзиниот внук Хари со неговото семејство.

„Хари, Меган и Арчи секогаш ќе бидат многу сакани членови на семејството. Ги препознавам предизвиците со кои се соочија изминатите две години и ја поддржувам нивната желба за понезависен живот. Сакам да им се заблагодарам за сета нивна посветена работа низ целата земја, Комонвелтот  и пошироко, а посебно сум горда на тоа што Меган толку бргу стана дел од семејството. Се надевам дека со договорот кој го постигнавме им овозможува да започнат да градат мирен и среќен нов живот“,

рече кралицата Елизабета Втора.