Капитенот на англиската фудбалска репрезентација, Хари Кејн, во петокот би требало да биде потврден како најскапото засилување во историјата на германската Бундеслига и да стане нов играч на минхенски Баерн, објавија германските и англиските медиуми.
Баерн и Тотенхем договориле трансфер вреден 110 милиони евра, кој со дополнителни бонуси може да порасне и до 120 милиони, за 30-годишниот напаѓач кој беше главна цел на германскиот шампион во овој преоден рок.
Кејн во петокот ќе ги мине лекарските прегледи во Минхен, а германскиот весник Bild го најави неговото претставување во сабота во пресрет на натпреварот од Суперкупот на Германија во кој Баерн ќе се соочи со РБ Лајпциг за првиот трофеј во новата сезона.
Раководството на Тотенхем беше категорично во преговорите и се согласи дури по четвртата понуда на Баерн, знаејќи дека во спротивно на крајот од оваа сезона клубот може да остане без обештетување за играчот кој со години беше симбол на тимот од северот на Лондон.
Кејн одигра 435 натпревари за Спарс и постигна 280 гола и е најдобар стрелец во клупската историја. Тој е и најдобар стрелец на англиската репрезентација со 58 голови. Но, ниту со клубот ниту со репрезентацијата не успеа да освои ниеден трофеј. Со Тотенхем беше поразен во финалето на Лигата на шампионите во 2019 година од Ливерпул, двапати играше во финалето на домашниот Лига куп, а со репрезентацијата во 2021 година на лондонски „Вембли“ загуби од Италија на пенали во финалето на Европското првенство.
Баерн се надева дека во Кејн ќе најде достојна замена за Роберт Левандовски, кој пред 12 месеци се пресели во Барселона.