Харис: САД ќе го забранат тестирањето противсателитски ракети

Сoединетие држави се обврзуваат на забрана за тестирање на своите противсателитски ракети со цел да се воспостават нови норми за воени активности, изјави потпретседателката Камала Харис.

САД ги изведоа првите тестови на противсателитско оружје (ASAT) уште во 1959 година, кога сателите уште беа ретка и сосема нова технологија. Русија во април 2020 година спроведе тестирање на противсателитски проектили, откако највисоките функционери на САД и НАТО истакнаа дека Вселената ќе има сѐ поголема важност за современото војување и станува ново поле на војување. Кина такво тестирање спроведе во 2007 година врз свој метеоролошки сателит, а Индија во 2019 година собори со проектил еден од своите сателити во ниската орбита на Земјата.

Притоа Харис остро ги критикуваше Русија и Кина поради тестирање противсателитски ракети, иако САД, исто така, користеа ракета-пресретнувач пред повеќе од 14 години за да уништат неисправен шпионски сателит.

Темата стана уште поитна за САД, откако Русија ланскиот оември со ракета уништи нефункционален сателит од советската ера, со што создаде над 1.500 парчиња отпад, кој предизвика ризици за астронаутите на орбиталната Меѓународна вселенска станица (ISS).

Сличното тестирање ракети што го изведе Кина во 2007 година, исто така, наводно создало вселенски отпад кој се раширил во просторот.

„Едноставно кажано, овие тестови се опасни и нема да ги спроведуваме“, истакна Харис.

Харис нагласи дека остатоците создадени од ракетните тестови, може да влијаат и на комерцијалните сателити, а светот се потпира на нив за временска прогноза, GPS системите, телевизиските преноси и друга инфраструктура.

Најавата за забраната за тестирање на противсателитски ракети следува откако Харис, на состанокот во декември, најави дека претставници на Советот за национална безбедност на Белата куќа ќе соработуваат со Пентагон, Стејт департментот и други американски агенции, во изготвувањето на предлозите за новите стандарди за просторна безбедност.

САД се прва држава што објави ваква забрана, а Харис се надева дека и други земји ќе го следат ваквиот потег.