Харис загрижена од јакнењето на соработката меѓу Кина и Русија

Американската потпретседателка Камала Харис изјави во саботата дека е загрижена поради јакнењето на соработката меѓу Кина и Русија од почетокот на војната во Украина и тврдеше дека поддршката од Пекинг на Москва го „поткопува меѓународниот поредок втемелен на правото“.

Говорејќи на 59-тоа безбедносна конференција во Минхен, Харис го кажа ова набрзо откако шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји на истиот собир најави дека Кина ќе претстави мировен план за Украина втемелен на почитувањето на територијалниот интегритет и Повелбата на Обединетите нации.

Без да го спомне најавениот кинески предлог, Харис продолжи во стилот на претходните говори на западните челници и истакна дека ќе продолжи западната воена поддршка за Украина.

„Ако рускиот претседател Владимир Путин мисли дека ќе чекаме војната да мине, лошо се мами. Времето не е на негова страна“, рече Харис без да го конкретизира начинот на кој ќе се оствари нејзиното тврдења.

Додаде дека „доколку Путин успее, тоа ќе ги охрабри другите авторитарни држави да го сторат истото“. Иран и Северна Кореја, повторно без да даде докази, ги спомена како земји коишто, исто така, ѝ помагаат на Русија.

Харис рече дека САД официјално утврдиле дека Русија во Украина сторила злосторства против човечноста. „На сите сторител и на тие злосторства и на нивните надредени им порачувам: ќе одговарате“, рече американската потпретседателка чија земја вршеше притисок врз многу земји американските сили да бидат исклучени од јурисдикцијата под меѓународните судови за воени злосторства.

Војната во Украина и наруштените американско-кинеско односи се во центарот на состанокот на високи претставници и безбедносни експерти во Минхен, неколку дена пред годишнината од руската инвазија на Украина.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.