Харвард и МИТ ја тужат администрацијата на Трамп за да ги задржат странските студенти

26

Харвард и МИТ, двата престижни американски универзитети, поднесоа денес тужба против владата на американскиот претседател Доналд Трамп, барајќи начин да го сопрат указот кој им забранува останување во земјата на странските студенти доколку посетуваат само онлајн настава.

Емиграциските власти претходно неделава најавија дека студентите кои ги посетуваат универзитетите кои нудат само онлајн настава поради коронавирусот ќе мора или да се префрлат на друг универзитет или да ја напуштат земјата.

„Наредбата дојде без најава, нејзината суровост ја надминува само нејзината негрижа“, изјави денес претседателот на Харвард Лоренс Бекоу.

„Изгледа дека таа наредба е донесена намерно за да се изврши притисок врз факултетите и универзитетите во кампусите да ги отворат своите училници за да почнат предавањата на есен, без грижа за здравјето и безбедноста на студентите, предавачите и другите“, додаде Бекоу.

Американскиот претседател Трамп врши силен притисок за сите училишта да отворат на есен, без оглед на ризикот од коронавирусот.

Тој вчера организираше округла маса, која беше емитувана на сајтот на Белата куќа и на која образовните работници лобираа школите повторно да се отворат, со тоа што многумина од нив ги истакнуваат проблемите со менталното здравје и образовните дефицити со кои се соочуваат студентите имајќи го предвид тоа што не можат наставата да ја следат од училниците.

Харвард ја нарече емиграциската наредба „лоша јавна политика“. „Веруваме дека е нелегална“, порача Бекоу.

Политичарите и академската заедница ја критикуваа одлуката на Трамп да не им се одобрат визи на странските студенти во Соединетите Држави чии наставни програми на есен ќе се одвиваат само преку интернет.

Емиграциската и царинската служба на САД (ИЦЕ) најави дека студентите би можеле да бидат депортирани ако не се преместат на универзитети кои ќе ја одржуваат наставата со физичко присуство.

Повеќе американски универзитети поради пандемијата на ковид-19 размислуваат новата академска година да ја одржуваат онлајн.

Програмата на размена на студенти, која ја води ИЦЕ, привремено им дозволи на студентите чии програми во пролетниот и летниот семестар се префрлени на интернет да останат во САД. Но тој исклучок нема да биде продолжен за новата академска година.

Мерката се однесува на носителите на Ф1 визи за академски студии или М1 за стручно усовршување. Тие визи на почетокот на годината ги добиле околу 1,2 милиони студенти, главно од Кина, Индија и Јужна Кореја.

Сѐ уште не е познато колку студенти ќе бидат опфатени со одлуката.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.